8 јануари, 2014
Собрание на Република Македонија, Изјава за порталот brif.mk на пратеничката од НСДП, г-ѓа Соња Мираковска, за Законот за администрацијата:
Пратеничката од НСДП, Соња Мираковска во изјава за Бриф, вели дека законот за административни службеници е врв на катастрофата која ја започна владата на Груевски пред неколку години, а тоа е уништување на државната администрација.
-Станува збор за една фарса позади која стои нивната намера, а тоа е комплетна партизација на државната админитрација. ВМРО ДПМНЕ успеа да се инфилтрира во институциите и тоа успеа да го направи на еден најперфиден начин – изјави Мираковска и додаде дека е потребно да се поправи системот кој ВМРО ДПМНЕ го инсталираа во државната админитрација.
-Ќе бидат потребни децении да се демонтира тој партиски систем кој успешно го воспоставуваат во државата. Постојано над главите на административците ќе стои меч, во секој момент тие ќе можат да бидат тргнати од работа или преместени на друго работно место. На пример од службеник во Собрание можете да го најдете во некое комунално претпријатие или некој што влегол на работа преку лотарија ќе може да стане највисок државен службеник. Законот е практично само параван да ги скријат своите нечесни намери. Ова е завршеток на постапката на чистење на администрацијата од оние кои не и одговараат на владеачката партија – вели Мираковска.
Според неа владеачката партија успеала после две години да го заокружи процесот и во Македонија конечно да нема државна администрација, а истовремено да не и го знаеме бројот.
-Ќе имаме војска пренесена од партиските редови во државната администрација, која ќе мора да служи, да се построи, да оди, мавта со знамиња или транспаренти за да одговори на партијата – изјави Мираковска.