| НСДП со честитка до Груевски за Новата 2010 |
|
|
Денес во просториите на Нова социјалдемократска партија се одржа прес конференција на која Претседателот, г-гин Тито Петковски, пред новинарите ги истакна приоритетите на НСДП во 2010 година, кои му беа испратени на премиерот Груевски заедно со новогодишната честитка:1. Владата на Република Македонија да го измири долгот во износ од над 700 илјади евра кон компаниите што самата ги избрала на тендер, за да не ги блокира и ликвидира без нивна вина. 2. Да отпушти околу 60 илјади од вкупните 130 илјади вработени во јавниот сектор и средствата од Буџетот предвидени за оваа намена да ги насочи за поддршка на металците, рударите и текстилците како предуслов за намалување на трговскиот дефицит и надворешниот долг на земјата кој во овој момент изнесува околу 3.8 милијарди евра. Ова од причина што токму овие гранки имаат најголемо учество во извозот и во создавањето на БДП. Дел од средствата да насочи и за решавање на проблемот на таканаречените стечајци. 3. Владата да престане со финансирање на државата преку внатрешно задолжување, бидејќи конечната цена ја плаќаат само граѓаните и идните генерации. Особено да не се задолжува за финансирање на јавната потрошувачка и изградба на споменици. 4. По ниту една цена да не дозволи ставање на монетарната власт под контрола на извршната власт бидејќи извршната власт е бескрајно алчна за пари и за многу кус период ќе го упропасти и денарот и македонската економија. 5. Владата на Република Македонија и нејзиниот премиер да обезбедат барем една милијарда од ветените осум за наредните 6 години инвестиции во инфраструктурата и економијата. 6. И по цена на сопствениот и рејтингот на неговата партија, премиерот на Владата на република Македонија да обезбеди влез на државата во НАТО и почеток на преговори за пристапно членство во ЕУ, како единствена претпоставка за директни странски инвестиции, без кои едноставно нема развој. Доколку остане на “бескомпромисното опстојување на непокорот”, во спорот околу името, јавно да ја соопшти визијата за иднината на државата. 7. Владата на Република Македонија да го наплати рускиот долг, чија наплата наводно усно е договорена и за кој веќе трета година соопштува дека го наплатила. 8. Владата на Република Македонија да се откаже од планираните 22 милиони евра за набавка на нови автомобили и тие пари да ги насочи за поддршка на извозот и отварање на нови работни места. 9. Место да им ги блокира сметките на фирмите, Владата на Република Македонија да им помогне на истите за излез од кризата. 10. Владата на Република Македонија сериозно да го намали трошењето народни пари за партиски реклами и кампањи. 11. Преку континуиран дијалог со албанскиот политички фактор, Владата на Република Македонија да не дозволи редефинирање на односите со Албанците во Македонија со нов договор по Охридскиот. 12. Во најкус можен рок Владата на Република Македонија да ја трансформира МРТ од партиски во јавен радиодифузен сервис или да ја затвори. 13. Во самиот старт на новата година Владата на Република Македонија да склучи договор со коморите на работодавачите и синдикатите на работниците како социјални партнери, со кој покрај другото ќе договори и можност за намалување на платите на вработените наместо отпуштање од работа на работниците. 14. Бидејќи во 2010 година премиерот на Владата на Република Македонија има намера да организира предвремени парламентарни избори, напоменуваме дека тие мора да бидат фер и демократски. За да бидат такви, Владата на Република Македонија треба веднаш да пристапи кон ажурирање на избирачкиот список и да подготви измени и дополнувања на изборниот законик. Со измените да предвиди обврска за испраќање покани за гласање до сите избирачи евидентирани во единствениот избирачки список, најмалку три недели или еден месец пред самото гласање. Само на тој начин може да се стави крај на таканаречените виртуелни гласови што ја нарушуваат регуларноста на досегашните избори, бидејќи покани за гласање ќе се испечатат во онолкав број, колку што се запишани гласачи во единствениот избирачки список. 15. Во новата 2010 година очекуваме премиерот на Владата на Република Македонија да се откаже од револуционерните методи и средства во водењето на политиката и државата и да се врати на демократските принципи и стандарди. Тој и неговата партија да се откажат од линчот на оние што мислат поинаку од нив како и од услугите и пораките на “чуварите” за да може да се договори со “предавниците”. Убедени сме дека е тоа вистинскиот и единствен пат кој води кон изградбата на македонското национално единство, толку потребно во моментов и за нашата позиција во преговорите за името и за демократскиот развој на државата. 16. Оваа честитка ја испраќаме до премиерот на Владата на Република Македонија од едноставна причина што целата власт во Република Македонија е концентрирана во негови раце и тој сам одлучува за сите важни прашања. Дури во една пригода и самиот јавно призна дека “не смета дека е автократ, туку добар менаџер”. 17. На крајот до сите Вас и граѓаните на Република Македонија многу здравје, љубов, среќа и успех во Новата 2010 година. |
| < Претходно | Следно > |
|---|
| Новости |
| Соопштениа |
| Колумни |
| Интервјуа |