ПЕНДАРОВСКИ: МАКЕДОНИЈА ЗАСЛУЖУВА ДА ОДИ НАПРЕД

25 март, 2014

Промотивна Конвенција на кандидатот за претседател на Република Македонија, Проф.д-р Стево Пендаровски

stevo 1

Драги пријатели, Почитувани гости,

Пред две недели, на изборниот Конгрес за претседателски кандидат на опозицискиот блок предводен од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, го започнав моето обраќање со благодарност до раководството и особено до членството на СДСМ за безрезервната поддршка што ја добив. Тогаш ја соопштив мојата најважна цел – да допрам до разумот и до срцата на луѓето!

Дозволете ми денеска, по повеќедневна комуникација и средби со граѓаните на Македонија, да ја искажам својата благодарност и на огромниот број граѓани, од сите делови на земјата, кои ми ја пренесоа нивната позитивна енергија, ентузијазам и верба дека заедно можеме да ги смениме нештата на подобро.

Да и ставиме крај на оваа повеќегодишна агонија, да тргнеме заеднички кон подобра иднина, кон посреќен и подостоинствен живот за сите.

Излегувам пред граѓаните на Република Македонија со јасен концепт како можеме да ги оствариме нашите заеднички цели. Наспроти бледилото кое го имаме последниве години, нудам програма за Претседател, активно вклучен во решавање на проблемите на луѓето, решен да ги искористам сите уставни надлежности во заштита на интересите на граѓаните и на државата. Убеден сум дека Македонија и граѓаните тоа го заслужуваат.

Мојата визија за Македонија како модерна европска демократија е втемелена во десетте начела кои денеска ги промовирам пред вас. Тие начела се потпираат на најважните демократски вредности за кои жестоко ќе се борам: еднаквост, слобода, правда.

Следните пет години од нив немам намера да отстапувам. Сакам јасно и гласно да кажам дека за тие темелни вредности нема да правам компромиси со ниту една политичка сила.

Драги пријатели,

Македонија не заслужува да биде окована во минатото! Македонија не заслужува да биде роб на нечии неразумни стравови и фрустрации! Силно верувам дека Македонија заслужува да оди напред!

Погледнете што се случува околу нас. Новиот Балкан се крева веќе десет години пред нашите очи, каде што државите се или дел од Европа или цврсто чекорат на тој пат. Еден век по балканските војни најголемите непријатели од минатото соработуваат на дневна основа со само една мисла во главите: подобар живот за своите граѓани. Конечно, дома, иако власта поинаку, ние немаме внатрешни непријатели. Сите граѓани сакаат подобар живот, без разлика на етничкото потекло или политичките ставови.

Убеден сум, дека Македонија може да ги решава сите свои проблеми, меѓу нив и оној што ни е наметнат од Грција за името на нашата земја, само под два услови:

Прво, со внатрешна кохезија и второ, во сојуз со најголемите во светот.

Никој не треба да биде отфрлен само затоа што верува во друга политичка партија, затоа што на крајот на денот, нема дилеми дека Република Македонија за секого од нас е најважната партија.

Сакам, овде, да проговорам за една нова опасност надвисната над единството на народот која се шири со загрижувачка брзина изминативе години. Меѓуетнички тензии сме имале. Имаме и денес. Но, ваков внатрешно-македонски раскол не сме имале никогаш порано во независна Македонија. Прво, политичкиот проект за менување на македонската историја, ги подели Македонците. Второ, врхушката на власт самата си додели право само таа да мисли за иднината на Македонија, а сите останати да ги третира како предавници платени од надвор.

Мојот став е дека иако власта се пресметува со сите, освен со партиските послушници, таа погубна политика на делби треба да престане и никогаш да не се повтори!

Немаме повеќе македонски граѓани за губење. Не смееме да дозволиме ова раселување на младите да продолжи. Не смееме да го тераме народот надвор од сопствената држава!

Новата иселеничка голгота, може да биде спречена само ако спомениците не се поважни и поголеми од граѓаните. Малкумина останавме на ова парче земја, простор за нови поделби – нема.

Ни претстојат сериозни промени, а на сите нив ќе им претходи промена на власта.

Сакам да порачам, дека при тоа не смееме да ги продлабочиме раните преку нов политички реваншизам. Да нема забуна: не е политички реваншизам казнувањето на прекршителите на законот, но, е реваншизам ако ја злоупотребуваш власта против оние со поинаков политички став, а тоа е нашето секојдневие.

Емигрантска Македонија, за жал, секогаш била поголема од Република Македонија. Но, во последните години најновиот егзодус на луѓето дополнително ги слабее и нацијата и државата. Луѓето заминуваат затоа што немаат работа, но, и затоа што не добиваат шанса да придонесат за својата земја.

Новата власт ќе мора да покаже дека победникот на изборите не треба да биде газда на земјата, туку слуга на луѓето!

Наш апсолутен приоритет број еден е да го сочуваме народот. Ниту една изборна победа нема да вреди, ако Македонија биде поразена.

Почитувани граѓани,

Наспроти пропагандата која не убедува во спротивното, спорот околу името не е нашиот единствен проблем. Името служи само да ги покрие огромните дупки кои се појавија во структурата на државата во третата деценија од нејзината независност.

Осум години по ред власта не успева да најде одговор на трите предизвици со кое сме соочени во 21-от век: економија, демократија, демографија.

Дури и со решено име, преговорите со ЕУ, нема да ја одвојат партијата од државата, нема да ја департизираат администрацијата, нема да го елиминираат политичкиот притисок врз судството, нема да ги направат медиумите слободни.

Во нашиот случај, вистината е сурова – ако не е слободна и демократска, Македонија ја чекаат тешки денови.

По осум изгубени години, дури сега ќе почнеме да ја поправаме очајната патна и железничка инфраструктура со странски кредити, а, за спомениците трошевме буџетски пари. Иако тоа не се мои директни надлежности, како шеф на државата нема да бидам нем за тоа како се трошат народните пари, дали тие се враќаат како инвестиции за иднината на граѓаните, или дополнително се заробуваат во бетон и бронза.
По 20 години реформи за прв пат добивме политички затвореници и осудивме новинар за напишан текст!

Сите енергетски коридори ја заобиколуваат Македонија. Дојдовме во ситуација да молиме барем некој крак од основните рути да биде продолжен и до нас.

Почитувани граѓани,

Драги пријатели,

Сите поважни настани од историјата на независна Македонија поминаа со помала или поголема помош на клучните играчи од надвор – од осамостојувањето, приемот во Обединети Нации, па се до конфликтот во 2001-та. Денес, кога државата е соочена со предизвици од поинаков тип, не помалку опасни по нејзината иднина, демократската јавност очекува меѓународните фактори да не поддржат да се справиме со авторитарните тенденции.

Меѓутоа, во 2014-та, реалноста е сосема поинаква.

Сега против лошото владеење ќе мораме да застанеме самите. Да бидеме реални – тоа е единствено логично и праведно: против лошата македонска власт да застанат македонските граѓани!

Почитувани граѓани,

Македонскиот народ нема друга држава освен Македонија. Меѓутоа, во Македонија не живеат само Македонци. Меѓуетничките односи се клучната оска на која почива стабилноста во секое мултиетничко општество. Токму затоа никому не треба да му припаѓа ниту статусот на господар, ниту статусот на потстанар во нашата заедничка куќа.

Почитувани граѓани,

Драги пријатели,

Македонија нема да ја сочуваме со инаетење и расправија со сите. Не смееме да бегаме од светот, туку да се натпреваруваме со отворен дух, со култура, со идеи и со умот, кои ги имаме.

Во мене како Претседател младите ќе го имаат најголемиот сојузник!

Македонија заслужува да се споредува со светот, а не со самата себе.

Сакам да ве повикам да ми се придружите заедно да се бориме и да се избориме за слободна Македонија во обединета Европа!

Да живее Македонија!

StevoPendarovskiUniverzalna

 

stevo 5 stevo 2 stevo 3 stevo 4

НАШИ ПРИОРИТЕТИ

И трудот е капитал

Вработување

Енергетика

Земјоделство