ИНТЕРВЈУ Бошковска-Јанковски: Со новиот портал на Централниот регистар креиравме отворени податоци

Централниот регистар деновиве пушти во употреба нов, современ, мултијазичен портал, чија цел е да обезбеди структурирано и стандардизирано организирање на информативните податоци за услугите на институцијата, а корисниците да можат да пристапат брзо и едноставно при пронаоѓање на потребните системи и услуги. По тој повод, разговаравме со директорката на институцијата, Марија Бошковска-Јанковски, која вели дека главна интенција е новиот портал да го подобри пристапот до информации преку официјалниот каталог на услуги. Воедно, таа открива дека крајот на ноември е крајниот рок за воспоставување на Регистарот на вистински сопственици.

Новинар: Влатко СТОЈАНОВСКИ
ФОКУС Какви можности и придобивки поточно им нуди на корисниците новиот портал, кој беше еден од неколкуте важни проекти кои годинава ги спроведуваше Централниот регистар?

БОШКОВСКА-ЈАНКОВСКИ Свесни за недостатоците и застареноста на постоечкиот портал, се одлучивме за целосна замена на стариот портал на Централен регистар на Република Северна Македонија и имплементација на целосно нов сервисен мултијазичен каталог. Наша главна интенција е новиот портал да го подобри пристапот до информации преку официјалниот каталог на услуги. Водилка при неговото креирање ни беше корисничкото искуство и брзината со која ќе се доаѓа до посакуваните податоци, при што истите ги вградивме во нашиот нов дигитален дом.

Концептот на порталот е внимателно дизајниран да се прилагоди на потребите како на професионалните корисници (адвокати, нотари, сметководители, комори, новинари, општини), така и на потребите на деловната заедница и граѓаните како корисници на услугите. Дизајнот на порталот, заедно со неговата организација и видливост на податоците кои ги содржи, се главните аспекти кои проектните тимовите ги конструираа со цел да обезбедат што е можно поедноставно пронаоѓање и користење на услугите од страна на корисниците на ЦРРСМ.

Со новиот портал отвораме и дополнителен директен електронски канал за комуникација со нашите клиенти и партнери бидејќи нивните потреби и нивната критика е тоа кое дава правец на нашиот развој. Водејќи се од барањата за овој проект, Стратегијата за воспоставување на Единствена Точка за Контакт, како и Стратегијата за развој на институцијата во периодот 2018-2022 отвораме едно ново поглавје во административното работење-Современ, дигитален кориснички пристап, преку нов, сервисен модел на веб портал.

ФОКУС Воедно, се предвидуваат и нови бесплатни услуги, при што особено ја истакнувате услугата за обезбедување на податоци за правните лица согласно Стратегијата на Владата за отворени податоци и отворено владино партнерство. За што станува збор?

БОШКОВСКА-ЈАНКОВСКИ Централен регистар  на РСМ секогаш делува во насока исполнување на Стратегиите на Владата и на иницијативите на невладиниот сектор и другите професионални заедници. Преку Отвореното владино партнерство креиравме отворени податоци, нужни за професионалните корисници, коморите и за сите кои имаат потреба од информации од јавен карактер поврзани со бизнис климата во земјава.

Услугата „Основен профил на регистриран субјект“ има за цел да и овозможи на јавноста основен преглед на јавните податоци кои ги администрира ЦРРСМ, а кои се однесуваат на основната регистрација на субјектите. Со ова Централниот Регистар ќе ги исполни и барањата на јавноста за транспарентност и достапност на одреден сет на податоци за деловните субјекти, но и задолженијата согласно програмата за Отворено Владино Партнерство. Во листата на субјекти кои се резултат од иницијалното пребарување, корисникот ќе може да одбере конкретен субјект и со внесување на ЕМБС или преку помошен критериум со дел од називот на субјектот, ќе може да ги види следните податоци за одбраниот субјект: ЕМБС; ЕДБ; Целосен назив; Скратен назив; Датум на основање; Правна форма; Правен статус; Адреса; Дополнителни информации (во стечај/во ликвидација); Претежна дејност; Големина.

Со објавувањето на податоците кои произлегуваат од Стратегијата за отворени податоци се врши и усогласување на Централниот Регистар со најновата Директива на ЕУ за примена на дигитални алатки и дигитални процеси во трговското право во поглед на отворање на основните податоци за правните лица.

Услугата „Последни објави од Едношалтерски систем и Регистар на Дисквалификувани Субјекти“ има за цел да и овозможи на јавноста преглед на последните промени во овие два регистри, што претставува законска обврска на ЦРРСМ.

Услугата „Статистички билтен“, пак, има за цел да понуди преглед на низа збирни, макроекономски податоци од регистрите кои ги управува ЦРРСМ кои ја одразуваат генералната економска клима на државата. Услугата „Статистички билтен“ подразбира комбинирање на податоци од еден или различни извори (трговскиот регистар и регистар на други правни лица, како и регистарот на годишни сметки, односно финансиските податоци) со цел да се добијат збирни податоци за различни димензии, и е насочена кон потребите на државата за макроекономско планирање, потребите на научната дејност, потребите на новинарите од економските редакции, но и потребите на деловната заедница со цел да согледаат определени трендови и движења во стопанството, на најниско ниво. Сите статистички се имплементирани да даваат податоци на ниво на целата држава, како и на ниво на секој статистички регион одделно.

Дополнително, секој подносител во системите ја има можноста да го следи статусот на обработка на предметот за кој е поднесена пријава, преку услугата „Статус на обработка на предмет“.

ФОКУС Инаку, интегрален дел од овој проект преставува и имплементацијата на Заедничката платформа за отпочнување бизнис преку интеграција на системите на ЦРРСМ, УЈП и АВРСМ. Што поточно нуди оваа платформа?

БОШКОВСКА-ЈАНКОВСКИ Со проектот Заедничка платформа за отпочнување на бизнис затворивме уште една етапа од развојот на Едношалтерскиот систем за регистрација на трговски друштва и други правни лица, систем кој континуирано го градиме и надградуваме од 2005 година, се со цел за подобрување на деловната клима во земјата, стимулирање на економскиот развој и поттикнување на претприемништвото. Со заедничката платформа се збогатува палетата услуги кои деловната заедница може да ги ужива преку едношалтерскиот систем и тоа токму во доменот на отпочнување на бизнис.

Имено, со заедничката платформа се овозможува сите оние кои сакаат да отпочнат со деловна активност уште при иницијалната регистрација да се пријават за ДДВ обврзник на доброволна основа, при што автоматски ќе им биде издаден ДДВ број кој ќе биде активен по издавање на решението од страна на УЈП. Во соработка со Агенцијата за вработување се овозможува пријава на управителот на друштвото во самиот чин на регистрација без потреба од дополнителна посета на Агенцијата. Со проектот се збогатува палетата на услуги на меѓуинституционално поврзување преку националната магистрала и системот за интероперабилност на Министерството за Информатичко Општество и Администрација, со што се дава значителен придонес кон процесот на дигитализација на јавната администрација, но и исполнување на европските директиви и дигиталната агенда.

Со Заедничката Платформа за отпочнување на бизнис започнуваме ново поглавје за македонското стопанство, кое се надеваме дека ќе биде валоризирано во следниот извештај на Светска Банка во поглед на рангирањето на земјата, а со тоа ќе се даде и дополнителен стимул и импулс во привлекувањето на нови инвестиции кои се од насушна важност за нашето стопанство.

ФОКУС Со какви предизвици се соочувате со оглед на тоа што се настојува да се отворат податоците кон јавноста, а од друга страна треба да се има во предвид комплексноста на политиките за заштита на лични податоци и приватноста на физичките лица?

БОШКОВСКА-ЈАНКОВСКИ Ова прашање се повеќе станува актуелно и за него се дискутира на ниво на ЕУ. ЦРРСМ е полноправен член на работната група на Европската Асоцијација на Бизнис Регистри (ЕБРА) која работи на хармонизација на новата предлог директива за Трговско Право и изменетата Директива за користење на јавни податоци (ПСИ Директива). Главен фокус е нивната усогласеност со ГДПР директивата (Директивата за заштита на лични податоци на ЕУ), бидејќи во моментов постои неусогласеноста на двете директиви со ГДПР директивата и колизија на одредбите помеѓу јавниот и приватниот интерес. За овој проблем нема јасно толкување, ниту насоки од страна на Комисијата. ГДПР како правна рамка го лимитира опсегот на податоци кои може да се споделат како отворени податоци. Постои конфликт помеѓу ГДПР и ПСИ во поглед на отвореноста на податоците. Бизнис регистрите се притиснати помеѓу двете директиви. Оваа дискрепанца мора да се реши на ниво на Европа.

Генералниот став на работната група, кој веќе е и преточен во последната верзија на предлог промената на Директивата за трговско право, е дека се намалува опсегот на бесплатни податоци кои регистрите ќе ги обезбедуваат, но и дека мора да се изнајдат механизми за примена на ГДПР директивата за заштита на лични податоци, посебно при издавање на информации за физички лица кои се јавуваат во одредена ролја во субјектите (пр. Сопственици, одговорни лица, итн.). Бизнис регистрите на ниво на Европа ја искажуваат својата загриженост дека отворените податоци како модел претставува сериозна закана за економската одржливост и опстанок. Покрај ова, сите регистри ќе бидат соочени со развојот на отворени податоци и појавата на нови комерцијални регистри (неофицијални). Ова пак преставува сериозен проблем во однос на доверливоста и интегритетот на податоци кои денес ја уживаат јавните институции – регистрите.

ЦРРСМ, иако Република Северна Македонија не е полноправна членка на ЕУ, е препознаен како институција со висок степен на усогласеност со ЕУ Директивите, за што признание е и номинацијата за учество во директниот дијалог со Европската Комисија при дефинирањето на идната директива за Трговско Право, во рамките на ЕБРА. Во таа насока, Централен регистар ќе го следи курсот на донесените одлуки и пракси на ниво на Европа усогласени со Европската Комисија и ќе делува на иста линија со останатите европски бизнис регистри, почитувајќи го секако и мислењето и одлуките на Владата.

ФОКУС Владата најави дека ќе биде воспоставен Регистар на вистински сопственици. Проектот предизвика голем интерес во јавноста, па кога може да се очекува тој да профункционира и колку алатката ќе помогне во борбата за спречување на перење пари?

БОШКОВСКА-ЈАНКОВСКИ Една од нашите стратешки активности е воспоставувањето на Регистарот на вистински сопственици. Крајниот рок за негово воспоставување е крајот на ноември. Во моментов се спроведува последната фаза од тестирање на системот и интеграција со останатите системи на ЦРРСМ. Воведувањето на регистарот е обврска од новиот Закон за спречување на перење на пари и финансирање тероризам, согласно кој Централниот регистар е обврзан да го воспостави и да го води Регистарот.

Имено, сите правни субјекти ќе бидат должни во регистарот да го запишат нивниот краен сопственик – физичко лице, кое има финансиски интерес или остварува каков било вид на контрола врз правниот субјект во Македонија. Централниот регистар ќе организира интензивна едукативна кампања за сите субјекти да бидат прецизно запознаени со нивните обврски, начинот на којшто истите ќе можат да ги остварат и за придобивките од регистарот.

ФОКУС Како во изминатиот период се справувавте и во колкав обем одговоривте на обврските кон странките во услови на постоење на глобалната закана со вирусот Ковид-19?

БОШКОВСКА-ЈАНКОВСКИ Сите ние сме сведоци за тоа колкаво е значењето на дигитализацијата поттикнато од пандемијата со која сме соочени. Електронската комуникација, можноста услугите да се добијат преку електронски пат станаа императив со цел да се овозможи непречено функционирање како на државата и на деловната заедница.

За среќа, Централниот Регистар се определи за целосна дигитализација многу пред самата пандемија, и во тој поглед претставува пример за јавниот сектор. Стандардите за квалитетни услуги согласно кои работи оваа институција, меѓу другото,  наложуваат постојана и бескомпромисна грижа за своите корисници, мерење на нивото на задоволство, но и детална анализа на нивните барања и потреби. Многу сме благодарни за соработката! Таа соработка и нивните ставови јасно искажани преку можноста која постојано има ја даваме на граѓаните, безрезервно ни помогнаа да ги канализираме развојните проекти во насока најдобра за сите.

Имавме храброст да прашаме близу 30.000 корисници на услугите за нивниот став – колку оперативно успеваат да ги добијат своите услуги од оваа институција и не бевме изненадени од високите оцени, за функционирањето на Централен регистар во време на пандемија. Слухот за потребите не престанува овде. Секој предлог, секоја потреба, секоја сугестија, проблем, жалба или пофалба детално се разгледувани, а од секој предлог развиени се соодветни решенија во насока на исполнување на корисничките барања.

Најново

Петковски за ФОКУС: Заев сака да ја надмине блокадата, но Бугарија тешко ќе попушти пред изборите

Маневски и Јаќимовиќ на свечена седница за доделување на 11 ноемврсиките награди по повод Денот на ослободувањето на Куманово

НСДП-КУМАНОВО: По повод одбележувањето на 11 Ноември -Денот на ослободувањето на градот Куманово претставник на НСДП положи свежо цвеќе

НСДП ПРИЛЕП: Положување на свежо цвеќе по повод 3 Ноември, 76-годишнина од ослободување на Прилеп

Интервју на Тито Петковски за бугарската ТВ Европа: Каков политички симбол е 11 Октомври за Северна Македонија?

СЛУЖБА ЗА ОДНОСИ СО ЈАВНОСТ НА НСДП