Петковски: Политичките партии коишто учествуваа на изборите мора да најдат начин како во рок од тие 20 дена да се конституира Собранието, односно да ги почнат на време своите преговори

Изјава за Радио Слободна Европа на претседателот на НСДП и поранешен претседател на Собранието г.Тито Петковски:

„Нема дилеми дека Уставот превидува во рок од 20 дена по изборите да се конституира Собранието, а Деловникот само го разработува начинот на конституирањето на Собранието кое подразбира и избор на претседател, вели поранешниот спикер Тито Петковски. Кај нас, според него, исклучоците стануваат правило и се се сведува на партиски калкулации и амбиции, а најмалку се внимава на потребата од кредибилни институции и така е сега со Собранието. Праксата во два наврати досега, како што наведува Петковски, го покажува тоа, кога седницата за конституирање на Собранието започнала, па потоа била прекината.

„Значи ако гледате од строго формално- правен аспект не може Уставот да биде дерогиран од Деловникот на Собранието, ниту било кој закон може да го дерогира Уставот. Ако Уставот предвидува дека во рок од 20 дена мора да се конституира Собранието, а Деловникот само кажува што е тоа конституирање на Собранието, политичките партии коишто учествуваа на изборите мора да најдат начин како во рок од тие 20 дена да се конституира Собранието, односно да ги почнат на време своите преговори. Меѓутоа, кај нас работата сега е сложена максимално, бидејќи нема чиста победа на политички партии кои можат сами да формираат Влада или нема коалиции кои може сами да формираат Влада и сега тоа максимално се злоупотребува од страна на партиите кои пред се играат на националистичка, популистичка карта за нешто да добијат“, вели Петковски.

Според Петковски, Собранието во случајот не може да работи со полн капацитет.

„Да се носат закони сега е мисловна именка. Тоа не може додека не се формира Влада. Сами се ставаме во ситуација да емитуваме слика надвор дека сме држава која што не е способна сама да ги уредува своите институции како што треба“, додава тој.

Во 2016 по парламентарни избори на 30 декември беше конституирано Собранието исто така без избор на претседател. Мандатот за состав на Влада го доби тогашниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, чија партија освои најмногу пратеници. Откако Груевски не успеа да обезбеди Влада, лидерот на СДСМ, Зоран Заев собра 67 потписи кои беа еден од условите тогашниот претседател Ѓорѓе Иванов да му го додели мандатот за формирање Влада. Пред да го добие мандатот Заев во тензична атмосфера и со протести пред законодавниот дом за собраниски спикер на 27 април, 2017 година беше избран Талат Џафери што резултираше со таканаречениот крвав четврток.

Најново

НСДП: Оваа учебна година да се прескокне

Тито Петковски: Барањето на ДУИ премиер да биде Албанец е обид Зоран Заев да се делегитимира, но и обид да се воведе друг општествен систем

Петковски: Најголемите придобивки од Охридскиот рамковен договор се мирот, стабилноста, да нема воени дејствија

ОБРАЌАЊЕ НА ПОТПРЕТСЕДАТЕЛОТ МИСОВСКИ НА СВЕЧЕНОТО ОДБЕЛЕЖУВАЊЕ НА 2 АВГУСТ – ДЕНОТ НА РЕПУБЛИКАТА

Потпретседателот на Собранието г.Мисовски положи свежо цвеќе во знак на почит и сеќавање на жртвите од катастрофалниот земјотрес во Скопје во 1963 година

СЛУЖБА ЗА ОДНОСИ СО ЈАВНОСТ НА НСДП