ОБРАЌАЊЕ НА ПОТПРЕТСЕДАТЕЛОТ МИСОВСКИ НА СВЕЧЕНОТО ОДБЕЛЕЖУВАЊЕ НА 2 АВГУСТ – ДЕНОТ НА РЕПУБЛИКАТА

Недела, 2 август 2020, Мечкин Камен, Крушево

Почитувана потпретседателка на Владата на Република Северна Македонија, г-ѓа Шеќеринска,
Почитувани членови на Владата на Република Северна Македонија,
Почитувани пратеници,
Почитувани претставници од Министерството за одбрана и Генералштабот на Армијата на Република Северна Македонија,
Почитувани претставници од Кабинетот на Претседателот на Републиката,
Почитувани претставници на Главниот одбор на Сојузот на борците од Народноослободителната антифашистичка војна на Македонија и граѓаните продолжувачи,
Почитувани претставници на локалната самоуправа,
Почитувани претставници на политичките партии,
Почитувани eкселенции, претставници на дипломатско-конзуларните претставништва во Република Северна Македонија,
Почитувани претставници на средствата за јавно информирање,
Почитувани граѓани на Република Северна Македонија,
Дами и господа,

Дозволете ми од името на претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, почитуваниот Талат Џафери, кој поради здравствени причини не е во можност да се обрати денес тука, и на кого јас му посакувам што побрзо закрепнување, во мое лично име и од името на Собранието на Република Северна Македонија, на сите наши граѓани, во и надвор од границите на државата, да им го честитам Денот на Републиката од славниот Мечкин Камен, еден од спомениците на Крушевската Република и сведоштво за едно херојско востание.

Денешното одбележување, како што сте и сами сведоци, е невообичаено споредено со сите претходни прослави, а сепак, се чини станува вообичаено и секако, исклучително неопходно, ако ја земеме предвид актуелноста и заканата под која живееме и ние меѓутоа и целиот свет, скоро од почетокот на март оваа година.

Убеден сум дека имаме полно разбирање од сите вас, но и од граѓаните кои денеска не се во можност да бидат тука и одбележувањето на овој значаен историски ден го следат преку телевизиските екрани, затоа што здравјето е пред сѐ!

Верувајте дека и јас денес би сакал, најмногу од се, пред себе да го имам призорот кој сме навикнати да го гледаме секоја година при одбележувањето на овој исклучително значаен датум за нас и за граѓаните на Република Северна Македонија, каде и да се наоѓаат низ целиот свет.

Меѓутоа, свесни сме дека денес, и ние, како и сите држави, сме исправени пред опасноста наречена КОВИД 19 која е глобална закана по здравјето на луѓето, тежок тест за здравствените системи и огромен предизвик за светската економија.

Затоа, ќе бидеме дисциплинирани, ќе ги почитуваме препораките на Министерството за здравство и мерките преземени од Владата на Република Северна Македонија.

И ќе го надминеме и ова, ќе ја победиме и пандемијата, со сите нејзини негативни последици. Ќе излеземе посилни, обединети и секако помудри и побогати за едно искуство, за една вредност која се чини секогаш ја запоставуваме, а тоа е здравјето и моралните вредности како што се солидарноста, хуманоста и пожртвуваноста, особено на нашите почитувани здравствени работници.

Оттука, изразувам почит и благодарност за исклучителната професионалност, посветеност и несебичност што здравствените работници ја покажаа сиот овој изминат период.

Почитувани гости и драги граѓани,

Од минатиот 2 Август до овој 2 Август, помина само една година, меѓутоа, верувам дека и Вие го делите моето мислење дека, тоа е година која ќе ја запомниме по еден од најзначајните датуми за нашата земја.

Имено, на 11 февруари оваа година, Собранието го ратификуваше Протоколот за членство на Северна Македонија во воено политичкиот сојуз на НАТО, стратешка цел која беше поставена уште во 1993 година, веднаш по независноста на земјата, за во 1995 година да се стекнеме со кандидатски статус.

Работевме напорно, сите, од сите политички провиниенции, за да можеме да бидеме дел од големото семејство на НАТО сојузот, со исполнување на сите неопходни предуслови за да изградиме стабилна, безбедна, модерна и економски развиена држава.

Обезбедивме сигурност на територијалниот интегритет и безбедност на нашата граница и сега конечно можеме да кажеме дека сме поставиле уште еден камен на зацврстување на темелите на нашиот заеднички дом, нашата држава.

Затоа што да се биде под чадорот на НАТО значи колективна безбедност, значи еден за сите, сите за еден, како семејство, како заштитник.

Да бидеме искрени, Република Северна Македонија, иако мала по територија, стана пример во регионот и во светот, по својот отворен пристап и искрен дијалог со сите соседи, промовирајќи добрососедска политика на соработка и разбирање. Затоа што, ние знаеме како.

Нас животот не научил, ние секогаш сме биле мултиетничка, мултиконфесионална средина, во која секој си го наоѓал своето сино небо, своето топло сонце, својот душевен мир и парче леб за своето семејство и споделувал и добро и лошо со соседот, со блискиот и подалечниот.

Дури повеќе во лоши мигови, затоа што, тагата долго време опстојувала на нашето поднебје. Се чини дека искористувањето на различностите беше инстантна и многу вирулентна почва за лесно подгревање на непријателствата и конфликтите.

Меѓутоа, бевме мудри, се издигнавме над тие анахрони сфаќања и извлековме поука: цело е кога има сѐ! Цело е кога се сите среќни, задоволни, рамноправни граѓани, кога секој е правно заштитен и ги ужива истите права и слободи, подеднакво е конкурентен на пазарот на трудот, подеднакво е  вреднуван за својот труд и придонес.

Затоа што ова е прекрасна и широкограда земја, во неа има место за секој добронамерник, за секој што ги надминал тесноградите и себични интереси и што ја гледа големата, заедничка слика во која постои взаемна почит и разбирање за поединостите кои не разликуваат, а кои всушност произведуваат најубав мозаик на човештвото.

Почитувани граѓани,

Сме имале, а веројатно и понатаму ќе имаме предизвици на патот на зацврстување и унапредување на демократизацијата и напредокот на Република Северна Македонија.

Меѓутоа, едно е сигурно,  а тоа е дека сите до еден, без разлика на политичката провиниенција, веруваме во европската перспектива на нашата земја и сите до еден тежнееме кон тоа да ја исполниме и втората стратешка цел од независноста на државата, а тоа е да станеме дел од големото европско семејство.

Во овој контекст, потребни ни се функционални и одговорни институции кои ќе можат да испорачаат видливи и ефективни резултати кои ќе бидат во линија со преговарачката рамка од Европската комисија, за да можеме да ги отвораме поглавјата за членство во Европската Унија.

Имајќи предвид дека неодамна имавме предвремени парламентарни избори и во очекување сме на одржувањето на конститутивната седница на Собранието, апелирам до сите политички чинители, без оглед дали се власт или опозиција, сите кои сме добиле одговорност да ја водиме државата доверена од граѓаните, со визија и мудрост да ја оправдаме нивната доверба и да ги исполниме ветувањата и заложбите дадени пред нив.

Граѓаните со право очекуваат брз напредок и развој, безбедност и сигурност кои ќе овозможат својата иднина да ја гледаат и да ја градат дома, во  нивните родни места, во нашата заедничка татковина.

Затоа што Вие почитувани граѓани, без оглед на премрежјата и кризите, без оглед на различностите, не дозволивте да се наруши духот на заедништво, соживот и толеранција и вие, токму вие имате огромен удел во одржувањето на овој ритам и оваа напредна ориентација, а ние сме сите подеднакво одговорни за подемот и за застојот во развојот на државата.

И затоа, денес, кога ги одбележуваме двата Илиндена и кога изразуваме неизмерна почит и благодарност до сите илинденци, изразувам восхит за нивната храброст, мудрост, визија и пожртвуваност.

Имаа сон за слободна, независна, заедничка држава, во која почитувањето на човековите права и слободи е фундаментално право на сите нејзини граѓани, без разлика на етничката, верската или која било друга припадност и беспоштедно се вложија во неговото исполнување.

И сите ние сме наследници на Илинден, затоа што веруваме дека тоа и во иднина ќе биде најдобриот и вистински концепт кој што ги опфаќа заедничките вредности кои сите ги славиме, ги празнуваме, вредностите кои не обединуваат и поврзуваат, не прават горди и сплотени граѓани на нашата заедничка држава.

Имаме одговорност тој концепт да го чуваме и развиваме, за нас и за идните поколенија. Имаме обврска да изградиме таква граѓанска држава, такво општество на сите граѓани во кое нашите деца, внуци и сите идни генерации ќе се чувствуваат европски, светски, а сепак дома, свои на своето, во современа и просперитетна Република Северна Македонија!

Нека е среќен и вечен 2 Август – Денот на Републиката!

Ви благодарам на вниманието, имајте убав празничен ден!

Најново

НСДП: Оваа учебна година да се прескокне

Тито Петковски: Барањето на ДУИ премиер да биде Албанец е обид Зоран Заев да се делегитимира, но и обид да се воведе друг општествен систем

Петковски: Најголемите придобивки од Охридскиот рамковен договор се мирот, стабилноста, да нема воени дејствија

Петковски: Политичките партии коишто учествуваа на изборите мора да најдат начин како во рок од тие 20 дена да се конституира Собранието, односно да ги почнат на време своите преговори

Потпретседателот на Собранието г.Мисовски положи свежо цвеќе во знак на почит и сеќавање на жртвите од катастрофалниот земјотрес во Скопје во 1963 година

СЛУЖБА ЗА ОДНОСИ СО ЈАВНОСТ НА НСДП