ОБРАЌАЊЕ НА Г. ГОРАН МИСОВСКИ, ПОТПРЕТСЕДАТЕЛ НА СОБРАНИЕТО, НА ТЕМА „ИЗГЛЕДИТЕ НА РЕГИОНАЛНАТА СОРАБОТКА ПО ПАНДЕМИЈАТА: ВРЕМЕ НА ПОГОЛЕМА ИНТЕГРАЦИЈА?“

22 јули, 2020

 Седма седница на ПС на ПСЈИЕ, Приштина 19 – 24 јуни 2020 

Почитувана г-ѓа Османи,
Почитувани колеги, 
Дами и господа,

Дозволете во име на претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, г. Талат Џафери, како и во мое лично име, да изразам задоволство што сум дел од седмата пленарна сесија на ПС на ПСЈИЕ која се одржува по прв пат на овој необичен, виртуелен начин, меѓутоа се разбира, тоа го налагаат условите наметнати од глобалната закана наречена КОВИД 19, и секако, ние се прилагодуваме. Истовремено, сакам да изразам честитки до претседавачот на оваа сесија, почитуваната г-ѓа Османи, до Собранието на Република Косово и секретаријатот кои на беспрекорен начин ја организираа оваа сесија која воспоставува нови начини на комуникација, на споделување на ставови, мислења, давање сугестии и секако гласање по финалниот документ, односно заедничката Декларација.

Драги пријатели,

Сите држави кои што сме дел од овој значаен форум чија што цел од самото основање беше а и понатака останува зајакнувањето на добрососедските односи помеѓу сите земји од Југоисточна Европа при што, взаемно, си помагаме овој регион да прерасне во регион на мир, сигурност, стабилност и соработка, имаме една и единствена цел, односно, целосна интеграција во европските и евроатланските структури. Секако, единствениот и најефективен начин за постигнување на таа цел е градење на искрени, транспарентни и интензивни односи на редовна основа, при што би ги искористиле најдобро што можеме сите механизми што се на располагање за надминување на помалите, поголемите, новите или пак предолго трајните спорови. Затоа што, за наоѓање на взаемно прифатливи решенија, од суштинска важност е да постои искрена волја и желба за постигнување на тоа, при што, нема да се става на вага тоа кој колку изгубил или кој колку добил. На крајот на денот, и добитници, и губитници сме ние, нашите деца, нашите граѓани кои живеат со последиците од нашите добри или лоши одлуки.

Република Северна Македонија останува активен и конструктивен партнер во регионалната соработка и силно сме посветени на промоцијата на принципите на добрососедство во регионот. Се залагаме за продлабочена регионална соработка, преку засилено учество и влијание во регионалните иницијативи, како што се Процесот за соработка во Југоисточна Европа, Советот за регионална соработка, ЦЕФТА, Договорот за енергетска заедница, Централно-европската иницијатива, Регионалната иницијатива за азил, бегалци и миграција, RECOM, RYCO, Јадранско – јонската иницијатива, „Процесот Брдо – Бриони“ и други. Верувам дека се согласувате со мене дека Северна Македонија  е одличен пример за тоа што и колку може да се постигне доколку постои цврста волја и јасна визија. Двата договора што ги потпишавме со нашите соседи, Република Бугарија и Република Грција, веќе ги дадоа првите опипливи резултати. Ние сме веќе триесеттата полноправна членка на воено – политичкиот сојуз на НАТО, каде што и пред да станеме членка придонесувавме со сиот наш капацитет во постигнувањето и одржувањето на мирот во светот. Сега, тоа ќе го правиме со уште поголем ентузијазам. Во однос на Европската унија, работевме посветено и сериозно, а имаме и огромна поддршка од нашите меѓународни пријатели, така што се надеваме на позитивен исход во блиска иднина. Сето ова е резултат на отворен и директен дијалог со отворен ум и транспарентна цел, а тоа е економска благосостојба и поквалитетен живот за нашите граѓани и иднината на нашите земји и регионот.

Драги пријатели,

За жал, фокусот во последниве месеци, а се чини дека и во следните месеци, ќе биде насочен кон нешто што е можеби најранливо и тоа пред кое сме најбеспомошни, односно, нашето здравје, здравјето на нашите граѓани и економиите. Свесни сме дека глобалните здравствени и социјални предизвици што ги предизвикува пандемијата со Ковид 19 се глобална закана која надвиснала над целата планета Земја, напаѓа без разлика дали се работи за мали или големи држави, економски и здравствено моќни или немоќни земји. Притоа, наметнува услови на држење на физичка дистанца, иако ние како човечки битија сме навикнати да бидеме блиску, да ја чувствуваме топлата поддршка што ја нуди добриот сосед, срдечниот пријател и искрениот соработник. Сепак, ќе успееме бидејќи ја имаме оваа одлична платформа за регионална соработка, т.е. Парламентарното собрание на ПСЈИЕ, кое се потпира на столбовите на регионална сопственост, инклузивност и меѓусебно почитување и преставува одличен форум за размена на мислења и конструктивен дијалог и знам дека преку еден мултинационален напор за решавање на оваа пандемија, сите ние заедно ќе го дадеме нашиот максимум во олеснување на нејзиното негативно влијание и ќе бидеме солидарни со семејствата на жртвите од пандемијата КОВИД 19 врз луѓето и економијата. Убеден сум дека сите размислуваме исто, односно, потребен ни е координиран, храбар одговор  на заштита со споделување на искуства и знаење.

Драги колеги,

Сакам да подвлечам дека сите ние што сме во позиција и ја имаме моќта да направиме разлика, во исто време имаме и должност да ги промовираме интересите на нашите земји и нашите граѓани преку унапредување на добрососедските односи и регионалната соработка затоа што, како што рече и претседателот на Светската здравствена организација, цитирам:

„Никој не е безбеден се додека сите не сме безбедни!“.

Ви благодарам на вниманието.

НАШИ ПРИОРИТЕТИ

И трудот е капитал

Вработување

Енергетика

Земјоделство