Петковски: Да сум на местото на Џафери, нема да распишам избори

5 февруари, 2020

Поранешниот претседател на парламентот смета дека е некоректно што сегашниот носител на таа функција не бил повикан на лидерската средба, на која, како што вели, една неформална група одлучи да се распушти овој собраниски состав

Поранешниот претседател на парламентот и долгогодишен пратеник Тито Петковски му порача на актуелниот спикер Талат Џафери дека да е сега на неговото место не би ги распишал изборите. Во разговор за „Утрински брифинг“ на „Слободна ТВ“, Петковски вели дека е некоректно што претседателот на парламентот не бил повикан на лидерската средба на која беше договорен датум за предвремени избори.

„Имаше средба на претседатели на политички партии. Тие не се лидери, тие се само претседатели на партии. Една неформална група, која нема ниту уставни ниту законски надлежности, се договори и донесе одлука да се распушти парламентот. Уставот е јасен – избори се одржуваат откако ќе се распушти Собранието“, вели Петковски.

Претседателот на НСДП, која е дел од владејачката коалиција, смета дека е добар ставот на Зоран Заев, донесувањето на законот за јавно обвинителство да биде услов за одржување на изборите. Вели дека е добро законот да се донесе што поскоро, затоа што може да ни ги подобри шансите за почеток на преговорите со ЕУ.

Актуелниот претседател на парламентот, пак, и натаму е на став дека 12 февруари е оптималниот датум за распуштање на парламентот. Во однос на сугестиите на Заев за пролонгирање на терминот за распуштање на Собранието, Џафери, во изјава за „Дојче веле“, вели дека во последен момент се пласираат идеи кои се косат со законските рокови за спроведување на изборните дејствија.

„Лидерите на парламентарните партии заедно се договорија да се одржат избори на 12 април и тогаш знаеја кои закони се битни за донесување пред да се распушти парламентот. Сега во последен миг се пласираат идеи кои се косат со законските рокови за изборните дејства. Уставот е јасен: избори за пратеници во Собранието се одржуваат во последните 90 дена од мандатот на стариот пратенички состав или во рок од 60 дена од денот на распуштањето на Собранието. Институциите треба да работат според закон, а не според желби. И јас сум член на партија, и на партијата ѝ кажувам какви се роковите. Не е дека сакам да опонирам, туку мора да ги почитувам нормите“, вели Џафери.

Според него, тие 60 дена се исполнети со изборни дејства, за кои роковите не може туку така да се кратат. Дури и парламентарните партии да се договорат за одложување на распуштањето на парламентот за неколку дена, прашањето е што е со вонпарламентарните партии?

Навестувањата на лидерот на СДСМ дека ќе им сугерира на владејачките пратеници да не гласаат за распуштање на парламентот додека не биде донесен законот за ЈО и уште неколку битни закони, предизвикаа разногласија на политичката сцена во земјава. Претставници на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ излегоа со ставови дека датумите за распуштање на парламентот и за одржување на изборите се затворено прашање. Има и најави за можна нова лидерска средба, но ВМРО-ДПМНЕ засега не е расположена за тоа.

Извор: https://360stepeni.mk/petkovski-da-sum-na-mestoto-na-dhaferi-nema-da-raspisham-izbori/

НАШИ ПРИОРИТЕТИ

И трудот е капитал

Вработување

Енергетика

Земјоделство