Министеркaта Апостолска се сретна со чешкиот амбасадор Томан

25 ноември, 2019

Министеркaта без ресор задолжена за странски инвестиции, Зорица Апостолска денес оствари работна средба со амбасадорот на Република Чешка во Република Северна Македонија, Мирослав Томан.

На средбата се разговараше за економските односи помеѓу двете земји, за условите за инвестирање во Северна Македонија и нивно претставување пред чешката бизнис заедница. Зборувајќи за инвестицскиот амбиент и Законот за финансиска поддршка на инвестициите од страна на министерката Апостолска беше истакнато дека просторот за економска соработка помеѓу двете земји не е исцрпен, можностите за нејзино продлабочување постојат од аспект на стимулативната инвестициска клима која може да биде атрактивна за чешки компании да реализираат инвестициски проекти во Северна Македонија.

„Унапредувањето на трговските односи, кои во првите девет месеци од годинава бележат раст од 9,3% споредено со истиот период од 2018 година, зборува за позитивната економска доверба која постои помеѓу двете земји и истовремено може да биде позитивен сигнал за чешките компании Северна Македонија да ја препознаат како своја инвестициска дестинација“, рече министерката Апостолска.

Од страна на амбасадорот Томан беше истакнато дека од нивна страна активно се работи на приближување на стопанските заедници и градење на што повеќе деловни релации помеѓу чешки и македонски компании, притоа изразувајќи уверување дека Северна Македонија има многу што да понуди во делот на индустријата поврзана со железничкиот транспорт, текстилот и земјоделието.

Заеднички беше оценето дека одличните политички односи помеѓу двете земји, од перспектива на поддршката која Република Северна Македонија ја добива од Република Чешка во евро-атланските интеграции, создаваат цврста основа за понатамошна надградба на економските и инвестициските односи.

НАШИ ПРИОРИТЕТИ

И трудот е капитал

Вработување

Енергетика

Земјоделство