Апостолска на бизнис форуми во Бурса и Истанбул: Стабилните и развојни економски параметри ја прават Северна Македонија атрактивна за нови инвестиции

Министерката без ресор задолжена за странски инвестиции, Зорица Апостолска вчера и денес ги претстави можностите и условите за инвестирање во Северна Македонија на одделни бизнис форуми, кои во организација на Стопанската комора за индустрија и трговија од Бурса и Индустриската комора на Истанбул се одржаа во овие два града во Турција.

„Имаме законски втемелна и транспарентна рамка за привлекување на нови инвестиции, со силна институционална поддршка која гарантира безбедност и долгорочен развој за бизнисот, стабилни и развојни економски параметри кои ја прават Северна Македонија атрактивна за нови инвестиции“, порача министерката Апостолска.

Пред присутните претставници на бизнис заедниците од Бурса и Истанбул, зборувајќи за деловниот амбиент во Северна Македонија, министерката Апостолска истакна дека владините економски политики содржани во мерките од Планот за економски раст создадоа атрактивно економско опкружување во кое странските компании се повеќе препознаваат интерес за отпочнување и водење на бизнис.

„Со напорна работа ја стабилизиравме економијата и овозможивме побрз и одржлив развој за бизнисот. Позитивни стапки бележиме во економските индикатори, 5 квартали по ред бруто домашниот производ бележи раст над 3%, индустриското производство бележи раст од над 5%, извозот расте со стапки од околу 15%. Во делот на директните странски инвестиции минатата година имавме рекордно ниво од 625 милиони евра, успех кој беше нотиран и од страна на Конференцијата на ОН за трговија и развој, која Северна Македонија ја препозна како регионален лидер со раст од 260% на странските инвестиции во 2018 година“, рече министерката Апостолска.

Осврнувајќи се на Законот за финансиска поддршка на инвестициите, министерката Апостолска истакна дека ова законско решение се има покажано како посебно успешно во поттикнувањето на нови инвестициски циклуси, што може да биде охрабрувачки и стимулативно и за турските компании во развивањето на своите бизнис планови да се насочат кон Северна Македонија. Министерката Апостолска порача дека сега е вистинско време да се започне инвестициски проект во Северна Македонија, поканувајќи ги присутните стопанственици од Бурса и Истанбул да ја посетат земјата и непосредно да се уверат во условите за отпочнување и водење на бизнис.

Министерката Апостолска оствари и неколку билатерални разговори со претставници на турски компании до Бурса и Истанбул, потенцијални инвеститори, кои детално ги информираше за финансиската поддршка која може да ја очекуваат во капиталните инвестиции, креирањето на нови и добро платени работни места, воспоставувањето на деловна соработка со домашни компании, воведување на нови технологии и знаење во производните процеси, како и во делот на отворање центри за развој на технологии.

На форумот во Истанбул свое обраќање за позитивното деловното искуство кое го имаат во Северна Македонија зборуваа и претставници на турски компании кои веќе имаат инвестирано и подолго време работат во земјава.

Најново

Петковски за изборите и ратификацијата на протоколот за НАТО

ДРАГИ КРСТЕВ РЕИЗБРАН ЗА ПРЕТСЕДАТЕЛ НА НСДП-БИТОЛА

МИРАКОВСКА ДО МИЛОШОСКИ: СЕ ОБИДУВАТЕ ПРЕКУ УСТАВНИТЕ СУДИИ ДА ВИДИТЕ ДАЛИ СЕ УШТЕ ИМАТЕ ВЛИЈАНИЕ

Апостолска: Со цврсти законски гаранции ги олеснуваме и охрабруваме инвестициите на компаниите во технолошко унапредување и отворање на нови работни места

Апостолска: Компаниите ја препознаa поддршката на Владата, се реализираат нови инвестиции

СЛУЖБА ЗА ОДНОСИ СО ЈАВНОСТ НА НСДП