НСДП против брзи предвремени парламентарни избори, истите најрано да се одржат во јуни 2020 по завршувањето на мајскиот самит на ЕУ

Соопштение за медиумите и јавноста:

Во пресрет на денешната лидерска средба кај претседателот на Република Северна Македонија, на која НСДП како парламентарна политичка партија не е поканета да партиципира и не е консултирана за нејзиниот став во поглед на новонастаната политичка ситуација поврзана со недобивањето на датум за отпочнување на преговори со ЕУ, на јавноста сакаме да го соопштиме нашиот став.

Некоректно и политички неодговорно е кон граѓаните да се гради претстава дека Република Северна Македонија беше поразена во Брисел во ситуација кога одложувањето на одлуката за датум за отпочнување на преговорите беше одложена од страна на Европскиот совет само поради противењето на Франција. Овој став на Франција е резултат на внатрешно политички мотиви на претседателот Макрон, а не последица на неисполнување на условите и обврските кои беа поставени  од страна на Брисел кон Северна Македонија.

Во овие моменти НСДП смета дека сите парламентарни партии треба да ги надминат своите тесни калкулации и својот фокус да го стават на што побрзо донесување на законско решение за СЈО, со што формалниот аргумент кој го изнесува Франција ќе биде обеспредметен. Новонастанатата надворешно политичка позиција на Северна Македонија, во контект на интеграциите кон ЕУ, наметнува и императив за формирање на некое политичко тело во кое ќе партиципираат сите парламентарни партии, независно дали се од власта и опозицијата, кое ќе биде фокусирано во наредните неколку месеци на лобирање и подигнување на нивото на билатералните политички односи помеѓу Северна Македонија и Франција.

Не смееме да дозволиме дополнителни политички тензии да се создаваат со одење на брзи предвремени парламентари избори кои може да го нарушат институционалното функционирање на државата во наредните неколку месеци. Како што беше информирано во јавноста, датумот за отпочнување на преговори со Северна Македонија треба да се најде на агендата на ЕУ на следниот самит во мај наредната година. Поради ова, НСДП е на ставот дека одржувањето на предвремени парламентарни избори пред овој самит на ЕУ може да ја дефокусира политичката енергија во земјава и да го наруши институционалното спроведување на започнатите реформи во државата. Вистински момент е најголемите политички партии да покажат созреаност и да ја заживеат политичката пракса во која Владата ќе го завршува целиот свој мандат пред повторно да ја бара доверба од граѓаните на избори. Доколку лидерите на најголемите политички партии денес одлучат за одржување на предвремени парламентарни избори, НСДП смета дека терминот за истите би требало да биде во јуни наредната година, по завршувањето на мајскиот самит на ЕУ.

Најново

ИЗБОРНА КОНФЕРЕНЦИЈА НА ОПШТИНСКАТА ОРГАНИЗАЦИНА НА НСДП-ГАЗИ БАБА

Апостолска на бизнис форуми во Бурса и Истанбул: Стабилните и развојни економски параметри ја прават Северна Македонија атрактивна за нови инвестиции

ИЗБОРНА КОНФЕРЕНЦИЈА НА ОО НА НСДП-КИЧЕВО

СЕДНИЦА НА ЦЕНТРАЛНИОТ ОДБОР НА НСДП: ГЕНЕРАЛНИОТ СЕКРЕТАР ТРАЈКОВСКИ ИЗБРАН ЗА ШЕФ НА ИЗБОРНИОТ ШТАБ ЗА ПРЕСТОЈНИТЕ ИЗБОРИ. ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ПЕТКОВСКИ ЌЕ ГО ВОДИ ТИМОТ ЗА ПОДГОТОВКА НА ИЗБОРНАТА ПРОГРАМА

Апостолска пред романски компании од регионот Прахова: Политиките за поддршка на инвестициите ви обезбедуваат долгорочни и развојни економски перспективи во Северна Македонија

СЛУЖБА ЗА ОДНОСИ СО ЈАВНОСТ НА НСДП