Вицепремиерот Анѓушев, министрите Апостолска и Џемаили и директорот Младеновски ги презентираа условите за инвестирање на бизнис форум во Брно – Вистинско време за чешки инвестиции во Северна Македонија

Заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања д-р Кочо Анѓушев, министерката за странски инвестиции Зорица Апостолска, министерот задолжен за унапредување на правната регулатива за домашни компании Хисен Џемаили и директорот на Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони Александар Младеновски на вториот ден од посетата на Чешка, во рамките на инжинерскиот саем во Брно, учествуваа на бизнис форум, на кој пред заинтересираните чешки компании, ги презентираа условите за инвестирање во Република Северна Македонија.

Вицепремиерот Анѓушев посочи дека Владата на Република Северна Македонија во изминатите две и пол години, посветено и напорно работеше на имплементација на економските политики, програми и мерки, а резултат на оваа работа се рефлектира преку позитивните стапки на раст на бруто домашниот производ, индустриското производство, странските инвестиции, бројот на вработени, растот на платите и др.

„Започнавме со негативна стапка на раст на БДП од -1.8%, односно со рецесија во 2017 година, а со имплементација на Планот за економски раст и други комплементарни програми, дојдовме до раст на БДП до 4,1% во првиот квартал и 3,1% за вториот квартал од 2019 година. Очекуваме годинава да ја завршиме меѓу 3,5 и 4% раст на БДП. Минатата година имавме рекорд на СДИ во државата, приближно 6,5% од нашиот БДП односно во бројки, повеќе од 700 милиони долари СДИ во земјата. Во изминатите две години отворени се нови 54.000 работни места, а невработеноста е намалена за над 5%. Нето платите се зголемија во просек за околу 10%. Во нашата држава може да најдете сигурна работна сила за работа, на инженерско ниво, но и на ниво на техничари и работници. Во моментов не бараме компании кои ќе вработуваат многу луѓе, туку бараме компании кои бараат повисоко ниво на технолошки вештини и би вработиле од 300 до 500 лица, но со највисоко ниво на технолошка подготвеност“, нагласи Анѓушев.

Вицепремиерот Анѓушев ги покани чешките компании да се уверат во одличните услови за инвестирање во земјата и да го искористат позитивниот моментум во кој се наоѓа Северна Македонија.

„Пред да зборуваме за субвенции за стопанството, потребни ни се два предуслови: владеење на правото и стабилност во земјата. Со извесното полноправно членство во НАТО, на почетокот на следната година и добивањето на датумот за почеток на преговори со Европската унија кој го очекуваме наскоро, се задоволуваат тие два предуслови. Сега кога стабилноста на земјата е обезбедена, важно е да се каже дека имаме и план за финансиската поддршка за компаниите кои работат во нашата држава. Тоа е „Планот за економски раст“, кој претставува збир на мерки кои им помагаат на компаниите да го зголемат бизнисот во Северна Македонија. Се надевам дека овие мерки би ги задоволиле вашите потреби и затоа Ве охрабрувам да ја посетите нашата држава и со тоа, се надевам, да ја препознаете можноста за соработка со Северна Македонија. Сега е вистинското време да дојдете и да се развиваат деловни односи. Вие одлучувате какви ќе бидат тие деловни односи. Прво, ќе видите дека има многу производи со добар квалитет и разумни цени за вашиот пазар од нашата земја; почнувајќи од земјоделски производи, производи од текстилната, метало-преработувачката индустрија, ИТ секторот – навистина имаме многу компании кои брзо се развиваат и ги нудат своите производи и услуги и се надевам дека таму може да најдете сигурни партнери. Ние сме мала земја, но имаме интересен пазар, зашто нашите производи може да бидат препознаени како мошне корисни. Исто така, знам каква е ситуацијата со индустријата во Република Чешка и мислам дека во Северна Македонија може да најдете подизведувачи за вашите бизнис“, нагласи Анѓушев.

Претставувјќи ги владините економски политики за поддршка на нови инвестиции , министерката Апостолска истакна дека Владата обезбедува значителна финансиска поддршка за реализација на инвестициски проекти преку законски, транспарентни и предвидливи процедури, без простор за било каков тип на политички волунтаризам.

„Ние развивме и имплементиравме низа комплементарни економски програми насочени кон подобрување на деловната клима во земјата и поттикнување нови инвестиции, стимулирање на претприемништво, подобрување на технолошките процеси и воведување иновации во производните процеси на компаниите“, рече министерката Апостолска и пред претставниците на чешката бизнис заедница порача дека сега е вистински момент за инвестирање во Северна Македонија, притоа изразувајќи ја институционалната подготвеност на Владата на Република Северна Македонија да ја обезбеди целокумната неопходна административна поддршка која е потребна во сите фази за успешна релизација на инвестиции од странски компании.

Директорот на дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони Александар Младеновски се задржа на условите кои им се овозможуваат на компаниите кои се одлучуваат да инвестираат во некоја од зоните во земјата. Тој потенцираше дека компаниите имаат можност да добијат долготраен закуп на земјиште во зоните, за многу поволни цени, при целосно изградена инфраструктура од страна на државата, како и други видови на даночни и царински олеснувања. Во изминатите две и пол години дваесетина нови проекти на странски компании од развиените земји, започнаа со реализација во зоните, а ефектите од нивната работа се очекуваат во периодот кој следи.

Државниот секретар во министерството за надворешни работи на Република Чешка Милослав Сташек, зборувајќи на бизнис форумот, ги потенцираше пријателските односи помеѓу двете земји. Тој нагласи дека Чешка ги поддржува евро-атлантските интеграции на нашата земја и дека Владата е подготвена да помогне во модернизација и побрз економски развој на нашата земја.

Најново

ИЗБОРНА КОНФЕРЕНЦИЈА НА ОПШТИНСКАТА ОРГАНИЗАЦИНА НА НСДП-ГАЗИ БАБА

Апостолска на бизнис форуми во Бурса и Истанбул: Стабилните и развојни економски параметри ја прават Северна Македонија атрактивна за нови инвестиции

ИЗБОРНА КОНФЕРЕНЦИЈА НА ОО НА НСДП-КИЧЕВО

СЕДНИЦА НА ЦЕНТРАЛНИОТ ОДБОР НА НСДП: ГЕНЕРАЛНИОТ СЕКРЕТАР ТРАЈКОВСКИ ИЗБРАН ЗА ШЕФ НА ИЗБОРНИОТ ШТАБ ЗА ПРЕСТОЈНИТЕ ИЗБОРИ. ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ПЕТКОВСКИ ЌЕ ГО ВОДИ ТИМОТ ЗА ПОДГОТОВКА НА ИЗБОРНАТА ПРОГРАМА

Апостолска пред романски компании од регионот Прахова: Политиките за поддршка на инвестициите ви обезбедуваат долгорочни и развојни економски перспективи во Северна Македонија

СЛУЖБА ЗА ОДНОСИ СО ЈАВНОСТ НА НСДП