ОБРАЌАЊЕ НА ПОТПРЕТСЕДАТЕЛОТ МИСОВСКИ НА ГЕНЕРАЛНАТА КОМИСИЈА ЗА ПРАВДА, ВНАТРЕШНИ РАБОТИ И БЕЗБЕДНОСНА СОРАБОТКА НА ПС НА ПСЈИЕ НА ТЕМА: „БОРБА ПРОТИВ ДЕЗИНФОРМАЦИИТЕ ВО ЈУГОИСТОЧНА ЕВРОПА“

Генералната комисија за правда, внатрешни работи и безбедносна соработка во рамките на редовната работа на Парламентарното собрание на Процесот за соработка во Југоисточна Европа, одржа седница во Собранието на Република Северна Македонија на тема „Борба против дезинформациите во Југоисточна Европа“.

На почетокот на присутните им се обрати потпретседателот на Собранието, Горан Мисовски, кој истакна дека соработката меѓу учесничките во Процесот е главна претпоставка за успешен политички и дипломатски дијалог, за забрзување на процесот на европска интеграција,  за зацврстување на стабилноста во регионот, како и за понатамошната демократизација на нашите општества.

Интегралното обраќање на потпретседателот Мисовски во прилог:

Почитуван претседател на Комисијата г. Адеми,

Почитуван министер г. Поповски,

Почитувани колеги пратеници,

Дами и господа,

Ми преставува особена чест и задоволство, во име на Собранието на Република Северна Македонија и во мое име, да ви посакам топло добредојде во нашиот законодавен дом, успешна работа и плодни дискусии на Седницата на Генералната комисија на Парламентарното собрание на Процесот за соработка во Југоисточна Европа.

Драги пријатели,

Процесот за соработка во Југоисточна Европа уште од самиот почеток претставува самостоен обид на земјите од регионот да ги организираат меѓусебните односи на мултилатерално ниво, во духот на кооперативноста и колегијалноста. Соработката меѓу учесничките во ПСЈИЕ останува главна претпоставка за успешен политички и дипломатски дијалог, за забрзување на процесот на европска интеграција,  за зацврстување на стабилноста во регионот, како и за понатамошната демократизација на нашите општества.

Парламентарното собрание на Процесот за соработка во Југоисточна Европа, несомнено дава нов квалитет во парламентарната соработка во Југоисточна Европа, а истото претставува и значаен фактор во зацврстувањето на поврзаноста, соработката и комуникацијата меѓу земјите од регионот.

Почитувани колеги,

Би сакал да го изразам моето задоволство што на дневен ред на денешната седница на Комисијата е борбата против дезинформациите, со оглед на тоа дека изложеноста на граѓаните на дезинформации, или т.н. „лажни вести“ преставува голем предизвик како на глобално ниво, така и во земјите учеснички во ПСЈИЕ.

Слободата на говорот и слободниот пристап до информации се основни човекови права, а слободното, непристрасно и објективно медиумско известување претставува еден од клучните столбови на секое демократско општество. Верувам дека ќе се сложите со мене дека медиумите имаат клучна улога во обезбедувањето на информации што им овозможуваат на граѓаните да формираат свои ставови за општествените прашања и активно да се вклучат во демократските процеси. Дезинформациите пак, не само што ја нарушуваат способноста на граѓаните за донесување на издржани одлуки, туку и ја поткопуваат довербата во институциите и во дигиталните и традиционални медиуми. Токму затоа, неопходни се заеднички напори за сузбивање на дезинформирањето и пронаоѓање на соодветни решенија за неутрализација на неговото негативно влијание. Но, во одговорот во спречувањето на ширењето на лажни вести, треба да се внимава да не се прекрши правото на слободата на користење на извор на информации и слободата на говор, како и да се одбегнуваат мерки и активности кои можат да бидат класифицирани како цензура. Исто така, во активностите за надминување на овој проблем и обезбедувањето на заштитни мерки, неопходно е да бидат вклучени и граѓанските здруженија, експертската заедница, академиците, новинарските и медиумските здруженија, како и други засегнати страни.

Дами и господа,

Во Северна Македонија постои отвореност и подготвеност за поширока дебата за ова прашање. Потврда за ова е фактот што еден од министрите во Владата на Република Северна Македонија, г. Роберт Поповски кој што е денес тука со нас, е задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност.

Република Северна Македонија се залага за промовирање и поддржување на истражувачкото новинарство и зголемување на професионализмот во новинарството, како и обезбедување на стабилен и сигурен систем на финансирање на јавниот сервис, како главен информативен систем за понуда на точни, навремени и веродостојни информации за граѓаните.

Драги колеги,

На крајот би сакал да подвлечам дека ние пратениците, како избрани претставници на граѓаните, имаме должност да ги промовираме нивните интереси и да усвоиме ефективно и јасно законодавство, со кое ќе се ограничи ширењето и распространувањето на лажните содржини и ќе осигура ефикасно справување со дeзинформациите. Токму Парламентарното собрание на Процесот за соработка во Југоисточна Европа, кое се потпира на столбовите на регионална сопственост, солидарност и инклузија, преставува одличен форум за размена на мислења и споделување на искуства  и добри практики на овој план.

Ви благодарам на вниманието.

 

Најново

Апостолска: Создадовме деловна клима во која се повеќе компании реализираат реални инвестициски проекти

Апостолска: Владата ги поддржува компаниите да инвестираат и да создаваат нови и добро платени работни места

Трајковски, НСДП: Да видиме кој колку тежи

НСДП смета дека се наоаѓаме во политички моментум кога е потребно да се демонстрира политичка волја правниот систем да се постави на цврсти и трајни решенија

Апостолска пред Индустриската комора на Истанбул: Северна Македонија е атрактивна и стабилна инвестициска дестинација

СЛУЖБА ЗА ОДНОСИ СО ЈАВНОСТ НА НСДП