Мисовски: Кукавички и предавнички е ставот на ВМРО-ДПМНЕ за референдумот

12 септември, 2018

Изјава за порталот ПЛУСИНФО на потпретседателот на НСДП, Горан Мисовски:

misovski-1

Горан Мисовски, потпретседател на Собранието, како предавнички и кукавички го оценува ставот за референдумот на највисоките партиски органи на ВМРО-ДПМНЕ.

Мисовски се сомнева дека зад ваквата одлука на партиските тела стојат сите членови на ИК и на ЦК на опозициската партија.

ВМРО-ДПМНЕ вчера по повеќечасовна дебата на седници на Централниот и на Извршниот комитет одлучи секој граѓанин сам да реши како ќе гласа на 30 септември, затоа што како што рече лидерот Христијан Мицкоски, за прашањето за името не треба да решаваат партиите, туку народот и затоа секој треба да гласа според сопственото убедување.

– Таков став за едно од најзначајните прашања за државата е кукавички и предавнички. Не сум убеден дека сите членови на партиските тела на ВМРО-ДПМНЕ стојат зад одлуката што ја соошти Мицкоски – вели Мисовски за Плусинфо.

Мисовски, кој како претставник на координативното тело на Собранието кое е носител на кампањата за референдумот, вели дека на средбите со граѓаните имаат одличен прием поради што нема никакви сомнежи дека ќе биде постигнат референдумскиот цензус.

– Убеден сум дека ќе го постигнеме цензусот. Очекувам за европска Македонија да гласаат повеќе од 600.000 граѓани. Иако, референдумот е консултативен, сепак од средбите со граѓаните, станува јасно дека поддршката е голема – вели Мисовски.

Кампањата за граѓанското изјаснување на 30 септември во која се вклучени пратениците почна во понеделникот. Освен средби со граѓаните, предвидени се и обраќања преку телевизиите и радијата каде Собранието може да закупи максимално 9 минути на еден час програма.

Предвидено е за кампањата „за“ да се потрошат 59 отсто од 80 милиони денари, а за кампањата „против“ остануваат 41 отсто. Ако не се потрошат сите пари ќе се вратат во буџетот.

НАШИ ПРИОРИТЕТИ

И трудот е капитал

Вработување

Енергетика

Земјоделство