СТЕФАНОВСКИ: Власта во Македонија боледува од патриотски нихилизам, морална анорексија и финансиска булимија

21 февруари, 2014
Кочани, Говор на Претседателот на ОО на НСДП-Кочани на трибината која ја организираше НСДП на тема „Македонија…Европска?“
sasko_stefanovski
Добровечер на сите. Срдечно добредојде до сите присутни со желба да се чувствувате пријатно во наредните шеесеттина минути.
  
Не толку одамна заврши европското првенство во ракомет што го организираше државата Данска. Па така истражувајќи малку повеќе за оваа земја, многу често ја среќавав реченицата ,, Нешто е труло во државата Данска и болно!,, Ај Боже, си велам, ако е болна една Данска, тогаш што би можело да се каже за мојата Македонија? И почнав да размислувам на таа тема. Колку што знам природата сеуште ни е убава и сосема здрава (и покрај локалните масакри што им се прават на дрвјата во Скопје). Луѓето што секојдневно ги среќавам на улица навистина изгледаат нерасположени и уморни, ама далеку се од тоа да речеме дека се болни. Останува само да заклучиме дека единствено што би можело да биде болно во државата е ВЛАСТА. Јас дури успеав да дијагностицирам (секако не во медицински поглед) три клучни болести:
1.Патриотски (политички) нихилизам
Познатите и надалеку прочуени патриоти веќе одамна не зборуваат за клучните теми врз основа на кои ги придобија најголемиот дел од своите гласачи. Повеќе не им се сечат ноктите на орлите, нема одење на Конгрес во Солун, никој не ги споменува идеите  на Гоце и Даме, кирилицата не се почитува на целата територија на државата и т.н. Сето тоа сега е заменето со една оптичка и вербална илузија: НИЕ СМЕ ДОБРИТЕ, А НА ОНИЕ ДРУГИТЕ НЕ МОЖЕ ДА ИМ СЕ ВЕРУВА!  Дури и да ви кажуваат прогноза за времето, немојте да им верувате, тие се лошите! Ако на ова ги додадеме разно разните лотарии и намигнувања, состојбата станува трагикомична.
 
2.Морална анорексија 
Ова е многу опасна и раширена болест кај власта. Зборот морал, многу ретко го среќаваме кај нив, па веројатно во скоро време и ќе исчезне од нивниот вокабулар. Овде се сосема во право. Зошто да зборуваат за нешто ако и немаат поим што тоа значи? Ако знаеја, немаше да уценуваат луѓе за инвитро оплодување во замена за список со гласачи, немаше да ги гледаат стечајните работници како во најстудените денови одат по улиците и институциите обидувајќи се да ги убедат господата дека и тие имаат право на пристоен живот и дека опстанокот на нивните семејства зависи од потписот на неколку голобради момчиња, кои веднаш по дипломирањето си ја пронашле фотелјата на својот живот. Замислете, луѓето отидоа да бараат правда и леб, а наместо тоа добија ќотек. А премиерот, се разбира како и секогаш кога ќе загусти, одлета овојпат во братската му Унгарија. Неодамна еден од демонстрантите во Босна  рече дека кај нив во државната администрација немало прељуби бидејќи сите биле ФАМИЛИЈА. И кај нас е слично, само овде вработувањата одат до трет братучед што и не е некоја роднина.
3.Финансиска булимија 
Или народски кажано, ненаситност за пари и тоа крадени пари, народни пари. Ова е најопасната и најраширена болест. Владетелите се толку многу заразени од неа, што би можеле да напишат прирачник кој наместо преродба во 100 чекори би се викал милионер во три чекори. Прв чекор земи партиска книшка, втор чекор стани функционер и трет чекор стани милионер! Секако за тоа треба да си имаш и добар ментор и да одвоиш добар процент и за него. Вакви примери има многу. Од Ивонче – милионче, па уредникот на Сител т.з. Латас и неговите фирми, од брадеститот Миленко и неговите фарми за Шарпланинци, становите на Силванева Бонева, па сé така до самиот врв во власта. Инаку, нај заразени се главните ментори и  старатели кои неуморно се жртвуваат да патуваат низ светот барајќи инвеститори, а не како што овие лошите опозиционери сакаат да го залажуваат народот дека бараат сигурни места каде да ги вгнездат своите украдени пари. Минатата година градоначалникот на Штип, кој по вокакација е лекар, се пофали дека имал лек против опозицијата што го нарeкол ВМРОЛ. Ама изгледа на штипската баба Рада не и е јасно дека овие болести што ја зафатиле власта не се лекуваат со билки. За нив се потребни сериозни оперативни зафати а најверојатно и ампутација.
Што да кажеме за Кочани. Метастазата стигна и до него т.е. до нас. Сите горенаведени болести ги заразија и локалните политичари, секако со префикс КВАЗИ. На Кочани порано се гледаше како на бели дробови на Македонија. Можевме да бидеме и срце на источниот регион. Но за жал, останавме само слепо црево, град во кој што никој не сака да живее. Како поинаку да објасниме зошто фабриките се затворени а училниците полупразни, како да објасниме зошто улиците се мрачни и пусти, како да објасниме зошто на секој втор излог пишува или распродажба или дуќанот се издава. Кочанчани едноставно НЕМААТ ПОВЕЌЕ ПАРИ. Дишат на шкрги и чекаат да се залечат овие рак рани. Не проаѓаат повеќе ветувањата дека ќе се отворат нови работни места или ќе се намалат давачките. Замислете, веќе се испланирани вработувањата за 5 години однапред и тоа 1500 само во една фабрика. А платата? Се знае минимална, 8050денари. И наместо да се засрамат за оваа понижувачка сума тие се фалат дека тоа биле сигурни примања. Познатите светски брендови на македонскиот работник му нудат 130 Евра месечно, сума што во нивните матични земји работниците ја земаат за само еден ден.
Драги сограѓани. Не дозволувајте некој друг да размислува во ваше име и да ви кажува колку многу ви е убаво. Придружете се во нашата борба бидејќи таа е и ваша борба. Да и покажеме на Европа дека Македонија е држава во која живеат прогресивни и слободоумни луѓе. Да и покажеме на Македонија дека Кочани повторно може да биде пристојно место за живеење. 
Почитувани пријатели. Со ова мое излагање сакав само да ве потсетам како стигнавме до ова ниво и зошто просечниот македонски граѓанин секое утро се буди со мисла како ќе го преживее наредниот ден. Мене ми е сосема јасно дека вие и досега го знаевте тоа. Но, ние како лево ориентирана партија го почитуваме нашето минато, ама сепак предност и даваме на иднината. 
Затоа вистинското прашање би било како Македонија навистина да стане Европска земја и дали е тоа воопшто можно во услови на вакво авторитарно владеење. Но, како и да го формулираме прашањето, одговорот е еден и единствен: МАКЕДОНИЈА ЌЕ СТАНЕ ЕВРОПСКА КОГА ОВАА ВЛАСТ ЌЕ СИ ЗАМИНЕ.
За да дознаеме кои сé штети ги има претрпено Македонија од оваа власт, вечерва со нас  е човекот кој што најдобро ги познава приликите и во домашната и во европската политика и начинот на кој функционираат напредните Европски земји, токму оние во чие друштво сакаме да биде и нашата.

НАШИ ПРИОРИТЕТИ

И трудот е капитал

Вработување

Енергетика

Земјоделство