ДАЛИ ЗА РЕГУЛАТОРНАТА КОМИСИЈА ЗА ЕНЕРГЕТИКА ВАЖАТ ЗАКОНИТЕ ВО Р.МАКЕДОНИЈА?

19 февруари, 2014
nikolce_2011Собрание на РМ, Говор на пратеникот од НСДП, проф.д-р Николче Ацевски во врска со именувањето на нов член на РКЕ: 
Конечно при крајот на мандатот на овај парламентарен состав добивме можност да дискутираме за избор на некој член на РКЕ, тело кое ги регулира цените на електричната енергија, на нафтата и нафтените деривати, на гасот и топлинската енергија.
Обично ваквите одлуки се носат кога опозицијата е отсутна од Собранието или кога е насилно исфрлена од Собранието како на црниот понеделник на 24 декември 2012. На тој ден владеачкото мнозинство си го избра едногласно Куштрим Рамадани од ДУИ, а ние како опозиција неможевме да го искажеме своето видување за неговиот избор бидејќи бевме исфрлени како партали надвор од Собраниската сала од страна на тајната полиција на ВМРО ДПМНЕ.
Ако се има предвид дека на претседателот Димитар Петров и на членот Видан Кулевски (и двајцата високи кадри на ВМРО ДПМНЕ од Кратово и Битола, мандатот им истекува за три месеци), ова е една од ретките прилики каде може да се дискутира за избор на член на РКЕ, тело кое треба да биде независно но кое и според зборовите на Јанез Копач директорот на енергетската заедница е во најмала рака зависно од Владата на ВМРО ДПМНЕ. Тоа се покажува и со фактот што досега од 5 те мина колку што брои ова тело досега тројцата кои ги споменав биле на високи функции во ВМРО ДПМНЕ и ДУИ.
И пред да преминам на конкретниот предлог сакам да напоменам дека според законот за енергетика во составот на ова тело треба да има најмалку еден правник, што не е случај, правник во РКЕ нема и затоа голем дел од одлуките, финансовите извештаи кои сме ги разгледувале беа полни со грешки.
Денес ја предлагате госпоѓата Светлана Јаневска и досегашен член на РКЕ од 2008 година а воедно и заменик претседател на РКЕ, да биде избрана за втор мандат.
Мислев дека ќе одите со нов предлог, ако се има во предвид фактот дека во изминатите две до три недели ВМРО ДПМНЕ направи комплетна смена на сите директори во АД ЕЛЕМ и АД МЕПСО. Во МЕПСО за 8 години се менаа 4 генерални директори, но овај пат беа променети и сите секторски директори (односно членови на Управниот одбор), а променети се и претседателот и одреден број на членови на Надзорниот одбор. 
Во АД ЕЛЕМ пак после смената на Чинговски неговиот тим се одржа уште една година за деновиве да бидат комплетно променети сите директори (членови на Управниот одбор) како и претседателот и дел од членовите на Надзорниот одбор.
Капак на овие смени во енергетиката беше и разрешувањето на директорот на Агенцијата за енергетика Гечевски пред некој ден со што власта дефинитивно ги призна своите погрешни политики во делот на енергетиката, бидејќи го знаете она правилото ТИМОТ ШТО ПОБЕДУВА (ВО СЛУЧАЈОТ ШТО ГИ ИСПОЛНУВА ВЕТУВАЊАТА) НЕ СЕ МЕНУВА.
Но овие тимови наместо да изградат некој посериозен енергетски објект за 8 години тие дозволија да се увезе електрична енергија за 1 милијарда и 200 милиони евра со што ја направија Р. Македонија увозно зависна земја, во која процентот на увоз изнесува секоја година над 30 % од произведената електрична енергија во државата. 
Значи самиот Груевски го призна поразот на владините политики во делот на енергетиката и се одлучи за комплетна смена на сите раководни структури во овие енергетски компании, нешто на кое ние како НСДП укажуваме дека е неопходно потребно, постојано скоро 3 години. Овие смени требаше да се направат и многу порано бидејќи вложувањата во енергетските објекти можат да генерираат раст и развој и отварање на нови работни места.
Но очигледно дека ова правило не важи за РКЕ бидејќи како продолжена рака на власта слепо ги слушаат барањата на власта за поскапување на цената на електричната енергија за над 70 % за овие 8 години. Како резултат на ова зголемување, и на укинување на дневната ефтина тарифа, граѓаните се приморани веќе година и пол, да перат, да прават ручек, да се капат само на вечер после 22 часот. 
Не е спорно дека Светлана Јаневска, колку што можев да прочитам од нејзината биогафија има препорака од три еминентни универзитетски професори. Спорно е што за РКЕ комисија законите во државата не важат. Мандатот на Светлана Јаневска треба да трае 5 години а таа е на оваа функција, член односно заменик претседател веќе 6 години иако ние во Собранието не сме изгласале продолжение на нејзиниот мандат за една година.
Од кога ќе важи изборот на Светлана Јаневска од пред една година или од денот на изгласувањето? Ќе биде ли нејзиниот втор мандат во траење од 5 години или од 4 години со оглед на фактот што првиот мандат незаконски и траел 6 години, една година повеќе од законски утврдениот рок?
Со оглед на фактот што Светлана Јаневска како заменик претседател на комисијата за енергетика е единствен дипломиран економист од 5 те мина членови тоа значи дека поголемиот дел од пресметките кои таа ги правела (А КОИ СЕ ЗАОКРУЖУВАЛЕ СО ОДЛУЧУВАЊЕ ПО ЛИЧНО УБЕДУВАЊЕ како што сама нагласила во нејзиното CV),  биле и усвојувани од страна на РКЕ. Дали тоа значи дека Финансовиот план, за последната година, Годишниот извештај и сите лиценци кои се издадени, и цени на енергенси кои се утврдени немаат правна важност со оглед на фактот што мандатот на Јаневска бил истечен веќе една година. 
И на крајот на краиштата ако јас како претставник на НСДП во мојот говор на 9 јануари не ве потсетев дека мандатот на вашиот заменик претседател е истечен веќе една година Вие немаше ни да го дадете овај предлог денес за разгледување. Тоа зборува за вашата заборавеност, забеганост и опиеност од власта и непочитување на сопствените закони кои сами ги носите.          
Да не бидам погрешно сфатен, јас лично како пратеник од НСДП и доктор по електротехнички науки, не ја спорам компетентноста и стручноста на Светлана Јаневска да биде избрана по втор пат за член односно заменик претседател на РКЕ. 
Впрочем и нејзината биографија покажува дека уште од 1999 година била помошник министер и државен советник во Министерствaтa за трговија и финансии, што зборува за нејзината стручност и компетентност. Иако морам да признам дека со самиот факт што била на тие позиции во времето кога сегашниот премиер Груевски во тоа време бил министер прво за трговија а потоа и за финансии во истите тие министерства каде Јаневска била државен советник и помоник министер, ми фрла малку сомнеж на денешниот предлог. 
Новиот закон за енергетика по скратена постапка….ТОЕФЛ, 74 БОДА, ПСИХОЛОШКИ ТЕСТ, ТЕСТ ЗА ИНТЕГРИТЕТ И СЛ. Дали Светлана Јаневска ги исполнува овие критериуми. Тоа во биографијата не е наведено.
РКЕ регулира пазар со енергенси на енергетски компании чиј годишен профит за последната година изнесувал 2 и пол милијарди евра или близу еден буџет на Р.Македонија. РКЕ во најголем дел се финансира од процентот на зафаќање од овај профит кој за 2014 година изнесува 0,043 % или близу 1 милион и 200 илјади евра.  
НСДП смета дека со овие пари што РКЕ ги троши, не ја исполнува една од своите основни улоги а тоа е заштита и унапредување на правата на потрошувачите на енергија и енергенти и корисниците на енергетските системи
Од причини што Јаневска е избрана за член на РКЕ на 29 февруари 2008 година, значи пред 6 години, со што е прекршен Законот за енергетика, и таа веќе цела една година го троши својот втор мандат за кој не била избрана, ние како пратеничка група на НСДП одлучивме да гласаме против предлогот Светлана Јаневска да биде повторно избрана за член на РКЕ. 

НАШИ ПРИОРИТЕТИ

И трудот е капитал

Вработување

Енергетика

Земјоделство