НСДП ПРЕДЛАГА СОБРАНИЕТО НА РМ ДА РАСПРАВА ЗА ИНТЕНЗИВИРАЊЕТО НА ПРОЦЕСОТ НА ИСЕЛУВАЊЕ ОД МАКЕДОНИЈА И ЗЕМАЊЕТО НА БУГАРСКИ ДРЖАВЈАНСТВА

18 февруари, 2014
Собрание на РМ, Пратеничката група на НСДП и ЛП поддржана од Пратеничката група на СДСМ и Пратеничката група на ПЕИ и СЛ денес му предложија на Собранието на Република Македонија по итна и неодложна постапка да разгледува „Информација за интензивирање на процесот на иселување од Република Македонија заради погубните политики на Владата на Груевски“, а потребата ќе ја образложи пратеникот г-ѓа Соња Мираковска:
  sonja_m
Информација за интензивирање на процесот на иселување од Република Македонија заради погубните политики на Владата на Груевски
Република Македонија според Извештај на Светската банка е рангирана на 23-тото место во група од 25 земји со најмногу емигранти. Светска банка објави дека 447.000 македонски граѓани се иселени од државата. Тоа е дури 21,9% од вкупното население во Република Македонија, со што нашата држава е рангирана на 23-тото место во групата држави во светот од кои најмногу се иселуваат. Македонија е во друштво на Западниот Брег и Газа, од каде што има и најмногу емигранти, Самоа, Гранада, Сент Луција, Сао Томе и Принципе.
Иако државните институции не кажуваат колку луѓе ја напуштиле земјата, службата за статистика на ЕУ, Еуростат, објави дека до 2012-та година, 230 илјади луѓе официјално се иселиле од земјава и имаат регулиран престој во странство. Тоа претставува повеќе од 10 отсто од вкупното население во Македонија. Податоците покажуваат дека само во земјите на Европската унија во моментот живеат околу 180.000 македонски граѓани со привремен престој. Од нив најголем број се во Италија, 78.000, потоа во Германија, 58.000, во Австрија, 16.000, во Словенија, 9.500. Со државјанство во САД се стекнале 6.378 Македонци. Според официјалните податоци, за една деценија вкупно 56.506 Македонци добиле странско државјанство. Дури 11.444 Македонци се трајно иселени во Германија, а потоа следува Австрија, каде што државјанство добиле 6.070 Македонци, Белгија, каде што се издадени 2.726 државјанства на македонски граѓани, Шведска со 2.833, Италија со 2.610, Словенија со 1.726 и Велика Британија со 1.376 пасоши за македонски државјани.
Изминатите години од владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, Македонија наместо да продуцира политики и мерки за реално зголемување на економскиот раст т.е да продуцира подинамичен раст кој ќе генерира нови работни места, повисоки плати, повисок стандард, ја доведува правната држава и владеењето на правото под знак прашалник, заедно со административно-бирократските процедури, занимавањето со минатото наместо со иднината, како и безбедносната нестабилност која е резултат на постојаното подгревање на меѓуетничките тензии, ја прави Македонија безперспективна и безнадежна земја која на краток рок не нуди реални можности и сигурност за пристојно, квалитетно и сигурно живеење.
Наместо, според најавите на премиерот и на Владата, дека ќе се фокусира кон економска преродба на земјата, кон политики кои ќе донесат според него милијарди инвестиции, политики кои ќе отовораат нови работни места, особено за младите, сведоци сме дека состојбите на демографски план во Македонија се катастрофални, а податоците и бројките на долг рок се погубни за нашата држава, а се показател дека политиките на Владата се погубни и дека нешто радикално треба да се менува.
Очигледно во последните неколку години лошите економски состојби, резултат на политиките кои ги води оваа Влада и Груевски како премиер, допринесоа Македонија да биде рангирана на првото место по мизерија во светот, земја со над 30% невработеност и сиромаштија, а лошите економски услови да бидат првата и најважна причина која ја поттикнува емиграцијата. Немајќи друг излез граѓаните лесно се решаваат да ја напуштат државата, да земат државјанства од други држави, посебно од соседните, како што е Република Бугарија. Овие процеси особено се интензивираат во последните неколку години, луѓето преку емиграцијата и земањето на државјанства и пасоши од други држави гледаат начин за да преживеат.
Бројот на Македонци кои се стекнале со бугарско државјанство поледниве неколку години, заклучно со 15 јануари 2012 година, изнесува 44211. Овој број на издадени бугарски државјанства на македонски државјани дополнително се зголемува во периодот од 22 јануари до 22 мај 2012, во кој се издадени дополнителни 2264 бугарски државјанства. Додека пак во приодот од 23 мај до 15 септември 2012 година се издадени уште 2457 бугарски држвјанства. Прогресивниот тренд продолжува и кон крајот на 2012 година, кога од 16 септември до 31 декември, нови 2965 македонци добиле бугарско државјанство. Само во 2012 година имаме 7686 издадени бугарски државјанства! Значи со бугарско држвјанство заклучно со 31 декември 2012 година, се стекнале 51897 државјани на Република Македонија.  Во моментов толку се заведени на официјалниот сајт на претседателот на Република Бугарија, со тоа што постојат извештаи и за 2013 година, но не се наведени бројки за тоа кои државјани најмногу добиваат бугарски пасоши.
За разлика од Бугарија, која редовно води евиденција колкава е бројката и од која националност се оние кои зеле бугарски државјанства, Македонија не води статистика на Македонци кои се изјасниле како Бугари. Ниту пак има Национална стратегија како да се спречи масовната побарувачка на бугарски државјанства и пасоши.
Според податоците од Министерството за правда на Бугарија, над 95% од кандидатите тврдат дека имаат бугарски корени, тоа се главно Македонци кои се изјаснуваат дека се со бугарско потекло и за бугарско државјанство чекаат не повеќе од една година. Најмногу кандидати има од Источна Македонија, од местата блиску до бугарската граница, но тоа не е правило, затоа што има и од други места. Во Ќустендил има околу 5.000 адреси регистрирани од Македонци, а десет проценти од жителите на Петрич се родени во Македонија. Поточно, 5.500 од вкупно 54.000 жители на Петрич прифатиле бугарско државјанство, според податоци од општините Ќустендил и Петрич.
Особено загрижува трендот во оваа година. Се повеќе млади луѓе аплицираат за бугарски пасоши, процентот фрапантно расте. Според информациите од терен огромен број млади луѓе или аплицирале или веќе добиле бугарски пасош. Од Македонија во 2011 година се отселиле 1.143 граѓани, од кои 62 научни и стручни лица (извор: Државниот завод за статистика за миграциските движења во земјата за 2011 год.). Значи континуирано расте бројот на македонски граѓани што си одат од земјата, кој по 2007 година е највисок во 2011 година, што е потврда дека погубните политики на Владата го интензивираат процесот на емиграција.
Владата се правда дека вложува во сите сегменти на македонското општество од една страна, а од друга страна сите податоци и параметри се погубни, граѓаните живеат полошо, тешко ја обезбедуваат егзистенцијата, условите за пристоен живот опаѓаат, мизеријата се зголемува, долговите се зголемуваат, мерките, проектите или не се вистински, што е показател дека политиките не се погодени или пак вистина е дека Владата во изминативе 6 години само маркетиншки и демагошки настапува, а граѓаните немаат реални бенифиции од нејзините политики.
Проектот „Трето дете“, или популарно наречен „бејби бум“, беше спектакуларно најавуван од страна на Владата, со реклами кампањи од илјадници евра, за да по некое време Владата каже дека ќе се крати опфатот и ќе има рестрикции при аплицирањето за оваа владина мерка, затоа што пресметале дека ќе нема доволно пари редовно да ја исплаќаат помошта за сите мајки. Од друга страна, ваквите проекти кои делумно ќе допринесеа за подобрување на лошата демографската состојба, се заменија со мегаломански проекти како „Скопје 2014“. Со ова Владата само потврди дека побитно е парите на граѓаните да се трошат за мртвите т.е оние од минатото, а за живите, особно младите, кои се иднината и перспективата на државата, не е приоритет и време да се трошат народните пари.
Владата треба да развива и имплементира национални акциони планови за демографски развој, во кои ќе се дефинираат специфични мерки и активности за остварување на утврдени стратешки цели. Исто така Владата треба да даде одговор на јавноста зошто многу малку или воопшто не презема мерки во делот на спречувањето или пак поблаго кажано, стабилизација на природниот прираст на населението, зголемување на наталитетот, намалување на морталитетот и намалување на забрзаното стареење на населението, преку овозможување на висок квалитет на човековиот капитал, подобар квалитет на живот на секој македонски  граѓанин и за секое македонско семејство и обезбедување на услови за напредок кон една социјално-кохезивна заедница на граѓани.
На Македонија ѝ се случува трагедија со одливот на младото население. Владата сеуште не сфати дека, не само што губи идни ресурси, туку губи и средства кои ги инвестирала во развојот и во образованието на младите луѓе. Станува се поочигледно дека емиграцијата не запира, туку се интензивира. Во блиска иднина Македонија нема да ја одбегне демографското стареење на населението, туку ќе се соочиме со екстремност на целосно стара држава. Најверојатно ќе се остварат црните претпоставки на САД и на Светската банка дека до 2030 година Македонија ќе има одвај 1.800.000 жители. Ако се знае дека овој процес кај нас се одвива во последниве неколку децении, а добива на интензитет последниве години, не треба да нè зачуди ако за 10 години, од кога не е одржан попис, исто така сме загубиле добар дел од населението од внатрешноста на земјава.
Од горенаведените причини предлагаме „Информацијата за интензивирање на процесот на иселување од Република Македонија заради погубните политики на Владата на Груевски“, да се разгледа и по неа да се дискутира на пленарна седница и да бидат усвоени соодветни заклучоци и препораки.

НАШИ ПРИОРИТЕТИ

И трудот е капитал

Вработување

Енергетика

Земјоделство