За компромисот и името

26 јануари, 2018

Референдумското изјаснување крие многу стапици што можат да го искомпромитираат постигнатиот компромис и дефинитивно да ги урнат сите надежи за евроатлантските интеграции.

Пишува за дневниот весник „Слободен печат“, 26 јануари 2018 година, Тито Петковски

tito-24-analiza

Наметнатиот конфликт во македонското општество и потребата од долгорочен компромис во врска со спорот со Грција, долги години ги надминуваше можностите и способноста на политичарите за договор, во интерес на оние што ги претставуваат во државните институции. По последните парламентарни избори, се чини дека сме блиску до потребниот баланс меѓу различните групи во македонското општество. Владејачките партии демонстрираат висок степен на подготвеност за решение на спорот и конечно деблокирање на евроатлантските интеграции на земјата. Таквата решеност наидува на силна поддршка кај меѓународната заедница. За конечно надминување на спорот, неопходна е широка политичка и граѓанска мобилизација за создавање поволна општествена клима. Секако од голема важност е да се постигне партиски и меѓуетнички консензус и да се избегне поделбата на победници и губитници.

Креативно помирување

Мора да се знае дека, еден ден, порано или подоцна, Македонија и Грција ќе мора да седнат на иста маса како партнери во НАТО и ЕУ. Тој однос на партнерство, најдобро е да почнеме да го градиме што побрзо. Несомнено дека, во една точка ќе се најде компромис за решение на спорот. Ако не како резултат на здравиот разум кај двете страни, тогаш како резултат на силната посветеност на САД и ЕУ во овој момент. Неизвесно е само како ќе биде „спакувано” решението. Мудроста налага, тоа да се прикаже како успех и за Грција и за Македонија. Чиста ситуација во која за победник ќе биде прогласена само една од страните, практично е невозможна. Стара е мудроста, според која, од непријател можеш да се ослободиш, само доколку од него направиш пријател. Неприфатливо и многу погрешно е раширеното уверување дека сите причини за нашето заедничко тонење, секогаш и по правило да ги бараме кај оној другиот, без да се преиспитаме и самите себе. „Креативното помирување“ ќе ни помогне да го оставиме минатото зад нас, исто онака како, што тоа по Втората светска војна го направија Германците, Англичаните, Французите и Италијанците… И покрај сите ужаси што им ги донесе војната, тие политички ја заборавија.

Она што во македонската јавност предизвикува најмногу полемики и противење е наметнатата теза од претходната власт дека, во името на државата е сублимиран идентитетот на македонскиот народ и доколку се направи компромис со одредена додавка на името, неповратно ќе го изгубиме идентитетот. Таа теза е погрешна и на државата ѝ нанесува огромна штета.

Уште од АСНОМ е познато дека во новооснованата држава, носител на суверенитетот е народот на Македонија. Во основачкиот документ јасно е наведено: „Основајќи се на суверената волја и правото на самоопределување на народот на Македонија… АСНОМ го образујат народните претставители, без разлика на народноста…“ Така што, со евентуална додавка во името на нашата држава, во никој случај не може автоматски да се раскине врската помеѓу државата и Македонците, независно каде и да живеат.

Предност за иднината

Употребата на државното име не го засега нашиот етнички идентитет, туку нашиот национален (по државјанство) идентитет, кој не зависи од нашето етничко потекло. Поимот „Северна“, „Горна“ или „Нова“ Македонија воопшто не сугерира „Северно“, „Горно“ или „Ново Македонци“ или, пак, на тоа соодветен јазик, туку само Македонец од Горна, Северна или од Нова Македонија. Со еден ваков или сличен компромис со Грција, не може да се доживее целосна амнезија и да се заборави на нашето минато, бидејќи тоа практично е невозможно. Не е спорно дека треба да се негува и да се чува минатото, но во секој случај иднината има предност. Еден умен човек забележал дека „иднината почнува во моментот кога ќе се потисне во заборав минатото“. Од клучно значење за сите припадници на нацијата е нациите да живеат во иднина, да ја сочуваме државата, бидејќи без неа нема ни нација.

Независно што Грците не ја почитуваат Времената спогодба, етничкиот идентитет не смее да биде предмет на преговори. Етничката припадност и јазикот се едни од основните човекови права и слободи и за нив не може да се преговара. Во прилог на таа теза говори и фактот што и по изминати 26 години откако во ООН и другите меѓународни организации не се употребува нашето уставно име, нашиот етнички идентитет со ништо не беше загрозен.

Мора да се знае дека, по нашиот прием во ООН под референцата, ние сме запишани како Македонија, а јазикот македонски. На македонски јазик официјално е праведна и Универзалната декларација за човековите права. Колку што ми е познато, етничките Македонци и македонскиот јазик се веќе признаени не само во органите на ООН и во Советот на Европа, туку и во многубројни документи на ЕУ. Поради хетерогеноста на македонското општество на етнички план, зачувувањето на поимот „македонско државјанство“ во пасошот, ќе овозможи инклузивен, македонски, граѓански идентитет, независно од етничкото потекло.

Историска одговорност

Што се однесува до референдумот, колку и да е демократска институција, во овој момент ќе биде штетен и непотребен и за двете страни, независно што двете најголеми партии во власта и во опозицијата, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, го поддржуваат. Општонародното произнесување не може да се заобиколи во моментот кога ќе треба да се донесе одлука за пристапување кон ЕУ, како што тоа го бара Уставот на Република Македонија.

Доколку се на висината на задачата и реално подготвени да го решат спорот, мора да ја прифатат историската одговорност за донесување една непопуларна одлука. Двете партии уживаат најголема поддршка кај граѓаните, кои власта ја остваруваат преку демократски избраните претставници во Собранието на Република Македонија. Не е спорно дека граѓаните ја остваруваат власта и по пат на референдум, како облик на непосредно изјаснување, но во услови на континуирана политичка криза во државата, повеќе од сигурно е дека референдумското изјаснување крие многу стапици кои можат да го компромитираат постигнатиот компромис и дефинитивно да ги урнат сите надежи за евроатланските интеграции. Доколку се случи референдумот да не биде успешен, националистите и популистите ќе добијат нова енергија, а Македонија дефинитивно ќе биде поразена. Членството во НАТО и во ЕУ ќе биде доведено во прашање на подолг рок.

НАШИ ПРИОРИТЕТИ

И трудот е капитал

Вработување

Енергетика

Земјоделство