• pelince cover
  • prvomajski mars
  • tito-slider
  • mk eu
  • slide1

Тито Петковски: Јавноста ќе ги чуе необјавените „бомби“ па и тие за Смилковско Езеро

ИНТЕРВЈУ НА ЛИДЕРОТ НА НСДП, ТИТО ПЕТКОВСКИ ЗА ПОРТАЛОТ КИРИЛИЦА:

ОРГИНАЛНИОТ ТЕКСТ МОЖЕТЕ ДА ГО ВИДИТЕ НА ПОРТАЛОТ: www.kirilica.com.mk

Целокупниот материјал со кој располага Заев ќе му биде ставен на располагање на специјалниот обвинител, како оној кој веќе е објавен во јавноста, така и останатиот. Тој материјал ќе биде предмет на расправа пред Комисијата за надзор врз следењето на комуникациите, која ќе биде составена со претседател и мнозинство членови на опозицијата. Така да, на посреден начин и останатиот материјал, како оној за Смилковското езеро, ќе биде достапен на јавноста, вели Тито Петковски, лидер на НСДП и коалициски партнер на СДСМ, кој ја предводеше Комисијата за надзор врз следењето на комуникациите во претходниот мандат.

image_1437731045_51

КИРИЛИЦА Како коалициски партнер на СДСМ деновиве имавте средба со лидерот на СДСМ Зоран Заев, од која беше сопштено дека партиите во коалицијата му даваат целосна поддршка на договорот постигнат со посредство на евроокомесарот Хан за излез од кризата. Зошто сметате дека постигнатиот договор е добар?

ПЕТКОВСКИ Затоа што она што до вчера беше невозможна мисија, со договорот се создаваат сериозни шанси за демонтажа на диктатурата на Груевски и започнување на процес на изградба на демократски односи во Македонија по вонредните парламентарни избори во април идната година. Тие треба да бидат слободни и фер, а најголема гаранција за тоа е што нив нема да ги организира владата на Никола Груевски. Кој до вчера можеше да претпостави дека Груевски ќе прифати предвремени избори, ќе прифати преодна влада во која тој нема да биде премиер, ќе прифати нови министри од СДСМ, ќе го даде МВР на опозицијата или ќе прифати специјален обвинител за процесуирање на предметите од прислушуваните материјали? Практично, од безнадежната состојба, опозицијата и слободољубивите и демократски ориентирани граѓани добиваат можност да ја прекинат деветгодишната агонија на Македонија и да трасираат пат за динамичен и демократски развој на државата.

КИРИЛИЦА Во овој договор предвидени се повеќе новини. Што може, според вас, да се оцени како силна страна, а што како најголема слабост во овој договор?

ПЕТКОВСКИ Најсилнaта страна на договoрот е што Груевски и ВМРО-ДПМНЕ прифатија предвремени парламентарни избори во април наредната година, оставката на Груевски и преодната влада што ќе ги организира изборите. Влегувањето на опозицијата во пет министерства и особено значајно за изборниот процес министерот за внатрешни работи, изборот на специјалниот јавен обвинител, влегувањето на опозицијата во УЈП, Бирото за јавна безбедност, Антикорупциската комисија, МРТВ и други контролни тела.

Најголема слабост на договорот е неговото спроведување, односно имплементацијата на веќе договореното. Познавајќи го Груевски како неодговорен човек и политички насилник, тој ќе ги користи сите можни механизми за опструкција на договорот, исто така злоупотребувајќи ја власта. Ефикасни механизми за заштита на веќе договореното практично не постојат. Меѓународниот фактор останува единствениот гарант. Се разбира, неформален гарант на договорот, без сомение ќе биде силно пробудената граѓанска свест за промена на Груевски и неговиот режим и подготвеноста за колективна акција, доколку насилниците не се придржуваат на договореното.

КИРИЛИЦА Специјалниот јавен обвинител кој се предвидува, треба да биде избран со согласност од сите четири партии, што значи и од Груевски. Дали оваа форма на избор може да биде пречка да се избере навистина независна личност и таа така да функционира?

ПЕТКОВСКИ Се разбира дека согласноста, неопходна од страна на власта за предлогот на специјалниот обвинител во многу го отежнува изборот на кредибилна и независна личност за специјален обвинител. Впрочем, затоа тоа беше и еден од најтешките делови од договорот, но опструкциите од страна на власта не можат да траат до недоглед. Доколку политичките фактори во земјата не се усогласат околу личноста, постои опција меѓународниот фактор, како гарант на договорот, да предложи, односно да наметне решение од надвор. Затоа, како впрочем и за многу други делови од договорот, неопходни се измени во законската регулатива, а можно е да бидат потребни и уставни амандмани.

КИРИЛИЦА Да претпоставиме дека таа пречка успешно ќе се надмине, и ќе се избере способен и професионален специјален јавен обвинител. Колку тој може да ја заврши работата ако остатокот од Државното јавно обвинителство работи според досегашните принципи и ако не покажува волја за соработка? Ќе има ли тој обвинител можност да формира своја екипа обвинители?

ПЕТКОВСКИ Идејата е специјалниот обвинител да биде назначен со точно утврден мандат и рок во кој ќе функционира. Се што е поврзано со кривичните дела од прислушуваните телефонски разговори, вклучително и случајот „Пуч“, е во негова надлежност. Тој ќе може да формира свој тим на соработници и ќе делува независно од постојните структури на јавното обвинителство.

КИРИЛИЦА Некои експерти забележаа дека договорот не предвидува конкретни механизми за санкционирање на евентуалното негово кршење. Дали странците се нафаќаат тие да го „гарантираат“ спроведувањето на овој договор, и колку можат да бидат успешни во тоа?

ПЕТКОВСКИ Странците во конкретниов случај со Македонија го немаат т.н. „морков“, бидејќи губењето на препораката за почеток на преговорите за полноправно членство, не е тоа, затоа што се повторуваше шест пати, може да не се повтори по седми пат. Држејќи ја Македонија надвор од НАТО и ЕУ поради противењето на Грција, и особено согласувајќи се со власта за квалификацијата „тоалет хартија“ на Мартовскиот договор од 2013 година, меѓународната заедница го изгуби авторитетот и кредибилитетот во очите на македонските граѓани.

Го нема „морковот“ но го задржа „стапот“. Така да евентуалното крешење на овој договор, кое може да биде единствено од страна на власта, може да биде многу тешко санкционирано, од прогласување на непожелни личности во нивните земји и до блокирање на нивните сметки во странски банки.

КИРИЛИЦА Дали воведување заменици министри ви изгледа како ефикасен механизам за контрола на ресорите? Ќе можат ли тие да бидат превентива за узурпирање на државните ресурси во предизборието?

ПЕТКОВСКИ Се работи за решение кое за сега е надвор од нашиот правен систем, така да и за нив се неопходни промени во нашето закондавство. Со прецизно утврден мандат и надлежности и со нивно одговорно вршење на функцијата можно е истите да бидат, како што велите, превентива за узурпирање на државните ресурси пред изборите. Со т.н. врзан потпис, тие ќе бидат во состојба да ги контролираат сите финнсиски трансакции кои власта досега ги користеше за изборни цели.

КИРИЛИЦА Груевски го прогласи договорот за поволен за него, затоа што, како што рече „опозицијата не успеала да избега од изборите, и дека ќе и нанесе пораз на изборите“. Како ги толкувате овие изјави и анкетите со кои тие се поткрепуваат?

ПЕТКОВСКИ Оптимизмот за победа на априлските избори, Груевски го темели на веќе целосната партиска окупација на државните структури и анкетите на ИРИ. Првото е многу реална опасност за слободни и фер избори, додека второто е прашање на храброст. Испитувањето на јавното мислење во Македонија, низа години наназад е оптоварено со насилство и застрашување на граѓаните од страна на власта. Висок процент на испитаниците се уште живеат во убедување дека власта ги прислушува и знае што зборуваат, дури и за кого гласаат. Процесот на ослободување на граѓаните од тортурата на власта веќе е започнат и тој ќе експлодира на наредните избори.

КИРИЛИЦА Дали периодот предвиден за изборите, во април, го сметате за доволен за да се создадат предуслови за фер и рамноправна политичка битка?

ПЕТКОВСКИ Сигурно не, но кога се прави ваков договор, во него се содржани и многу компромиси. Знаете дека Груевски бараше избори оваа есен и се уште игра мајтап дека македонската опозиција е единствена која не сака брзи предвремени избори. Тој е свесен дека доколку се направи целосна демонтажа на неговиот режим, шансите за негова победа на следните избори се минимални. Но затоа е потребен подолг период. Девет години вмровски канцер метастазираше во ткивото на македонското општество и неопходен е подолг период на негово опоравување и доведување на работите во нормала.

Опозицијата и сите останати кои сакаат овој ненароден режим да си замине во историјата ќе мора да вложат многу труд, знаење и решителност, во мошне кус период да направат многу активности за доаѓање до целта – победа на следните парламентарни избори во април идната година.

КИРИЛИЦА Заев спомна дека материјалите што ги поседува ќе ги предаде на специјално јавно обвинителство, кога ќе се формира. Значи ли тоа дека содржината на некои „бомби“, долгонајавувани и очекувани од јавноста, како што се тие за случајот Смилковско езеро, нема да допре до јавноста?

ПЕТКОВСКИ Целокупниот материјал со кој располага Заев ќе му биде ставен на располагање на специјалниот обвинител, како оној кој веќе е објавен во јавноста, така и останатиот. Тој материјал ќе биде предмет на расправа пред Комисијата за надзор врз следењето на комуникациите, која ќе биде составена со претседател и мнозинство членови на опозицијата. Така да, на посреден начин и останатиот материјал, како оној за Смилковското езеро, ќе биде достапен на јавноста.

КИРИЛИЦА Исто така се зборуваше дека е неопходно да се изврши експертиза на снимените разговори во некоја светска реномирана институција која ќе ја утврди нивната автентичност или неавтентичност. Ова прашање не е спомнато, дали е тоа препуштено на работата на новиот јавен обвинител?

ПЕТКОВСКИ Специјалниот обвинител ќе има право во текот на кривичната постапка да бара експертиза за автентичноста на прислушуваните материјали, токму за потребите на постапката. Се разбира, експертиза може да вршат само компетентни инситуации. Доколку такви нема во земјата, таква експертиза може да се побара од специјализирана институција во странство.

КИРИЛИЦА Пред преговорите изјавивте дека како услов за продолжување на преговорите ќе го поставите отворањето меѓународна истрага за кумановските настани. Гледаме дека во договорот тоа го нема? Дали тоа значи дека вие, па и странските фактори, кои многупати инсистираа на таква истрага, се откажаа од намерата да се расветли целиот случај?

ПЕТКОВСКИ Ниту опозицијата, а верувам ниту странскиот фктор, не се откажуваат од целосна истрага за Кумановските настани. Станува збор за меѓународен тероризам во кој директно се инволвирани претставници на македонската власт. Случајот не смее да заврши со чинот на корумпирање на семејствата на загинатите полицајци. Опозицијата и официјално ќе побара меѓународна истрага пред предвремените парламентарни избори.

КИРИЛИЦА Против Заев се водат две судски постапки, кои се очигледно политички мотивирани? Дали ова прашање на некој начин било адресирано во преговорите?

ПЕТКОВСКИ Обвинението против Заев за случајот „Пуч“ е составен дел од аферата „Прислушување“ и тоа, секако, ќе биде во надлежност на специјалниот обвинител, додека случајот „Поткуп“ ќе се одвива пред надлежниот суд.

КИРИЛИЦА Каков е договорот во сферата на медиумите. Како прв чекор, запрени се владините реклами. Што друго се предвидува? Ќе има ли измени во јавниот сервис, во контролните тела како Агенцијата за медиуми и слично?

ПЕТКОВСКИ Значајно внимание договорот посветува и на медиумската сфера. Веќе е формирана работна група која има задача да понуди решенија за обезбедување на доминантно влијание на опозицијата и граѓанскиот сектор во функционирањето на МРТВ и во Агенцијата за медиуми. Хаосот што владее во целата медиумска сфера мора да заврши до крајот на годината.

КИРИЛИЦА Поради „бомбите“ и политичката криза, како во втор план да падна „цивилната политичка агенда“ на опозицијата? Дали се планира опозицијата да го врати фокусот кон општите политички теми? Дали коалицијата ќе гради некоја платформа, или програма, или пак ќе настапува со една заедничка цел – уривање на Груевски?

ПЕТКОВСКИ Се разбира дека една од целите е уривањето на Груевски и неговиот режим. Но главната цел на опозицијата и граѓанскиот сектор е создавање на претпоставки за одржлив демократски развој на Република Македонија. За остварување на таа цел неопходно е обединување на „се што дише“ против Груевски и ВМРО-ДПМНЕ. Во функција на таа цел опозицијата подготвува платформа која наскоро ќе биде објавена.

Жарко Јорданоски

Најново

nsdpnewyear2019

НСДП СО НОВОГОДИШНА ЧЕСТИТКА ДО ГРАЃАНИТЕ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

NSDP 1

НСДП ПРОСЛАВИ 13 ГОДИНИ ОД ОСНОВАЊЕТО

goran-misovski-sobranie

Мисовски до ВМРО-ДПМНЕ: Груевски ги украде парите и избега во Унгарија, а вие лајкови му ставате

Скопје3

ПАНЕЛ ДИСКУСИЈА „16 ДЕНА ЖЕНСКИ АКТИВИЗАМ“

nsdp-logo1

Организацијата на жени на НСДП-Куманово организира трибина за женски активизам

СЛУЖБА ЗА ОДНОСИ СО ЈАВНОСТ НА НСДП