• pelince cover
  • prvomajski mars
  • tito-slider
  • mk eu
  • slide1

ТИТО ПЕТКОВСКИ: Долгорочен компромис (не) е можен

Колумна за порталот ПЛУСИНФО.МК на лидерот на НСДП, Тито Петковски:

titoinbox7

Последната порака од Брисел упатена до македонските политичари од страна на еврокомесарот Хан е раскараните политички водства да постигнат „долгорочен компромис“. Каков и дали воопшто е можен политички компромис во македонски услови! Особено денес кога конфликтот меѓу политичките партии помина во омраза. Наметнатиот конфликт во македонското општество, повеќе од сигурно е дека во овој момент ги надминува можностите и способностите на политичарите за елементарен договор во интерес на оние што ги претставуваат, а не пак за долгорочен компромис. Владеачките партии демонстрираат отсуство на волја, но и способност да ги канализираат длабоките несогласувања кон мирна разрешница. Потребниот баланс меѓу различните групи во македонското општество се чини е невозможна мисија.

Однесувањето на Никола Груевски во овие преговори, целосно се вклопува во неговата стратегија за уништување на опозицијата, што ја најави во отвореното писмо до македонската јавност од 19-ти ноември 2009 година. Во него покрај другото стои: „време е да ја почнеме последната битка со остатокот на транзицијата и нејзините политичари. Време е за последната битка со политичарите кои зад себе оставија пустош и беда кои во нашата држава ги донесоа малодушноста, криминалот, лагата и искривените вредности. Време е да ги спречиме нивните обиди повторно да ги земат под заложништво македонските граѓани и нашата татковина. Во претходните политички циклуси тие беа поразени но, не исчезнаа“. Треба „да се сотрат“ и би додала неговата најверна другарка Гордана Јанкулоска. Само во такви услови Никола Груевски, неговата партија и неговата влада можат непречено и неограничено да владеат. Со криминалното и коруптивно владеење и втерување страв кај секој инаку мисленички граѓанин неговиот режим мутираше во диктатура. Редовните и чести предвремени избори ги користеше исклучиво за дискредитирање на опозицијата и зацврстување на својата власт. Самата подготовка на изборите и чинот на гласањето ги организираше на начин единствено кој му обезбедуваше продолжеток на политичкиот живот. Се разбира сето тоа не беше можно без монструозната фашизоидна медиумска пропаганда што ја шират провладините медиуми.

Едновремено под притисок на отворената политичка војна, стравот и грижата кај граѓаните за сопствениот интерес, ја разбиваат солидарноста на општеството и секаква колективна акција практично ја прават невозможна. Од друга страна, пак, токму борбата за голиот опстанок, ја ослободува сета деструктивна енергија на човековата природа. Таквото општо паѓање на карактерните особини на луѓето ја зајакнуваат дезинтеграцијата на македонското општество. Вредносните категории,  како што се слободата и демократијата, на просечниот македонски граѓанин му изгледаат како некој далечен идеал и не се доволно силни да ја премостат поделбата меѓу граѓаните на Македонија која се повеќе се продлабочува. Додатно високата корумпираност и криминализираност на македонското општество, произведуваат молк и рамнодушност кон сите злоупотреби на власта. Рамнодушноста, најголемиот број на граѓани ја доживуваат како неминовност што најдобро говори за отсуство на култура на отпор и упорност во одбрана на своите барања.

Во таква ситуација маневарскиот простор на опозицијата за отстапки од своите основни барања и постигнување компромис, особено долгорочен, практично не постои. Со криминал, корупција, фалсификување на избори, злосторство, насилие, обесчестени медиуми и правна држава, компромис не смее да се прави. Компромисот со Груевски во овој момент е пораз на европската идеја во Македонија, бидејќи целокупната негова политика е во спротивност со вредносниот систем на западната цивилизација. Крајната цел за која се бори Никола Груевски во овој момент притиснат со несоборливи аргументи за својата алчност и неодговорност е да го спаси сопствениот политички живот и животот на криминалците околу него.

Во такви општествени околности за да не дојде до граѓанска војна, како неопходно се наметнува посредништво од меѓународната заедница во ликот на ЕУ и САД. За жал, според ставовите што ги застапуваат и едните и другите во македонската криза, безбедноста во земјата и натаму останува нивен приоритет, пред слободата и демократијата, според нив слободата и демократијата не се вредности што одат заедно со безбедноста.

Не само при оваа криза, уште од нашето осамостојување па се до денес, меѓународна заедница, пред се ЕУ, покажа немоќ да го надмине спорот со Грција чие постоење го прифати, иако рационален ум не може да го формулира. Она, пак, што европската комисија го направи со Македонија по црниот понеделник од 24 декември 2012 година кога од македонскиот Парламент со специјална полиција беа исфрлени пратениците и новинарите, го навреди националното и човечкото достоинство. Прифаќајќи ја квалификацијата „тоалет хартија“ за договорот што самата го гарантираше, Европската комисија практично го порази здравиот и прогресивниот ум во Македонија. Токму поради таквиот пристап, денес ЕУ во Македонија се соочува со последици да нема средство за влијание врз политичките настани. Јавно искажаните изјави на господин Хан и другите челници на ЕУ за македонската криза, само се израз на беспомошност и нивна лична и на ЕК која што ја претставуваат. За било каков исчекор на Македонија во евроатлантските интеграции е потребна согласност на Грција, а ЕУ не е во состојба да го испорача. Таа и никогаш вистински не се обиде да ја притисне Грција да се откаже од блокадата на Македонија. За волја на вистината, бидејќи нема што да понуди, ЕУ нема ни со што да се закани на Македонија.

Најстрашното што може на Македонија да и се случи е да биде повлечена препораката за почеток на пристапните преговори која и без тоа веќе шеста година се повторува. Некоја следна одговорна влада ќе може повторно да ја врати препораката. Најлошата последица за Македонија објективно може да биде фактот што по 25 години чекање, проевропските сили во Македонија веќе започнаа да го губат политичкото влијание, додека алчните бизнисмени и авторитарниот премиер ќе го зголемуваат своето влијание. Независно што по неуспешниот самит на НАТО во Букурешт во 2008 година Македонија склучи договор со САД за стратешко партнерство, засега се уште македонската судбина од страна на САД е препуштена на ЕУ, која својата немоќ и неспособност ја прикажува веќе 25 години.

Најново

20170611_141223

Централниот Одбор на НСДП изрази подршка за првите Владини одлуки

nsdp-logo1

Иванов со условувањето на доделување на мандатот го поткопува уставниот поредок

4

ОРГАНИЗАЦИИТЕ НА ЖЕНИ НА ПОЛИТИЧКИТЕ ПАРТИИ ГО ОСУДУВААТ НАСИЛСТВОТО ВО ПАРЛАМЕНТОТ И БАРААТ РАСЧИСТУВАЊЕ НА НАСТАНИТЕ

nsdp-logo1

Последната битка на очајниците од ВМРО-ДПМНЕ

goranmis

Изборот на Талат Џафери е чист, Вељаноски мора да одговори на многу прашања

СЛУЖБА ЗА ОДНОСИ СО ЈАВНОСТ НА НСДП