Тито Петковски: Масовни протести за промена на власта

18 април, 2015
Тетово, 18 април, 2015 (META) 
tito-petkovski.jpg

Преку посебен концепт и стратегија, НСДП предлага излез од кризата во која се наоѓа Македонија, рече пред присутните на јавната трибина во Тетово лидерот на НСДП, Тито Петковски. Тој вели дека како партија, чувствуваат потреба да партиципираат во решавање на политичката криза, а очекуваат вклучување и на други партии.

– Сметаме дека опозицијата е дискриминирана од тој црн понеделник и е исклучена од политичкиот живот. Исфрлена е демократијата, има авторитарен режим и диктатура, а политичкиот живот во државата се крои од еден човек. Затоа чувствуваме одговорност дека треба да придонесеме за излез од таквата хаотична состојба. Оставка на владата, јавниот обвинител и на претседателот на државата, се само дел од нашите предлози за излез од кризата – рече лидерот на НСДП, Тито Петковски.

Петковски зборуваше и за таканаречените „бомби“ што ги објавува опозицијата, а ги пренесе и чекорите кои се планираат за да се промени владата.

– И во нашата земја, но и во регионот, познати се неколку методи за промена на владата. Првиот метод е во тек, а тоа е објавување на сите валкани работи што власта ги правела во изминатиов период. Ако по овие компромитирачки аудиоразговори не се повлече владата, тогаш најверојатно кон крајот на овој месец или на почетокот од следниот месец, ќе следуваат масовни протести за владата на Груевски да падне – изјави Петковски.

Лидерот на НСДП изјави дека премиерот Груевски со политиката што ја води, не ѝ прави добро ниту на државата, ниту на партијата. Груевски нема можност за трета опција, или и понатаму ќе биде премиер или ќе оди во затвор, а за да остане на власт, можно е да креира и меѓуетнички тензии, додаде Петковски.

– Со хашките случаи, Груевски практично го држи Али Ахмети на кратко јаже. Груевски може утре да ги отвори предметите од Хаг, откако ќе ангажира јавен обвинiтел, кому ќе му биде наредено да отвори судска постапка за хашките случаи. Со овој потег Груевски знае дека ќе дојде до несогласување во владината коалиција и до етнички немири по улиците – рече Петковски.

Петковски додаде дека е неопходен и политички дијалог меѓу партиите за различни теми. Според него, мора во Македонија политичките партии да соработуваат, без разлика дали се од власт или од опозиција, за, како што нагласи, да се спроведе пописот на населението и да се прочисти избирачкиот список.

НАШИ ПРИОРИТЕТИ

И трудот е капитал

Вработување

Енергетика

Земјоделство