Советникот Стефановски открива скандал во општина Кочани: Општината платила за спортска манифестација што не се одржала

13 март, 2015

Дискусија на советникот на НСДП и Претседател на општинската организација во Кочани, проф.Сашко Стефановски во Советот на општина Кочани, пренесена од КАНАЛ8 ТВ:

110 илјади денари биле побарани минатата година од Општина Кочани како поддршка за организирање на традиционалната манифестација Отворена забавна фудбалска школа (Open fun football school), во која вообичаено се вклучени најмладите од сите општински основни училишта.

Поддршката била одобрена и според финансиските показатели извесна сума пари биле исплатени. До овде нема ништо необично во постапката, затоа што таква финансиска помош со општински пари имало и во претходните години.

Проблем претставува фактот што споменатата спортска манифестација лани воопшто не се одржала, па прашање е за што биле дадени парите. Ова беше една од дилемите на седницата на Советот на Општина Кочани што ја изнесе советникот Сашко Стефановски.

– Поддршка за проект од областа на спортот што ќе придонесе за подигање на спортот и спортската култра во општината на повисоко ниво е дадена на проектот Open fun football во кој учествуваа повеќе од 190 ученици и десетина ментори, воведувајќи ги најмалите во светот на фудбалот. Дали навистина парите се потрошени за таа намена, дали можеби се пренаменети или нешто друго е во прашање, праша Сашко Стефановски, член на Советот на Општина Кочани.

Одговор на прашањето на советникот Стефановски стигна од Секторот за финансии на Локалната самоуправа.

– На Open fun football има исплатено 64.000 денари, но можеби ако се ставени таму дека се 110.000, можеби за превоз или нешто е платено, нешто друго што во моментот го немам. Меѓутоа, директно исплатени средства се 64.000, рече Ирина Хаџиева, раководител на Секторот за финансии.

– До сега беше за рубриката “Верувале или не“, сега сме веќе во фатаморгана. Ова е врв, а знаете ли зошто? Затоа што оваа манифестација за која што зборуваме воопшто не е одржана во 2014 година. Побарани се пари, 110.000, значи било во план да се одржи, и внимавај, дава извештај дека учествувале 190 деца и 10 наставници. А манифестацијата не е одржана во 2014 година, рече Сашко Стефановски, член на Советот на Општина Кочани.

Дополнување на претходниот одговор повторно имаше од Секторот за финансии.

– Еве, Отворена забавна фудбалска школа, први месец 2014 година, на 23 јануари се исплатени. Можеби се однесуваат за 2013 година што не биле исплатени, рече Ирина Хаџиева, раководител на Секторот за финансии.

– Ова “можеби“ што велите, јас ќе ви кажам дека не е “можеби“. За да се одржи школата однапред се уплатува износот, за да ви дозволат, затоа што не го организираме само ние тука во општината. Значи, прво се даваат средствата, па потоа се организира, одговори Сашко Стефановски, член на Советот на Општина Кочани.

И покрај забелешките на советникот Стефановски, извештајот за Програмата за поддршка на спортот за 2014 година беше ставен на гласање. Но, и тоа не помина без критика.

– После вакви изречени работи, да ни ставате извештај на гласање, мислам дека навистина не е во ред. Јас барам да го повлечеме извештајот, бидејќи има работи во него за кои ние треба да дадеме одобрение, а се немаат ни случено, рече Ѓорѓи Алексов, член на Советот на Општина Кочани.

– Ако може уште сега да се реши, значи да дадеме една пауза од 15 минути, да ги викнеме службите што го имаат изготвено бидејќи не се тука присутни или пак ако имате намера да го повлечеме и да го дадеме на другата седница, може така. Еве, имам предлог да го повлечеме за наредната седница, рече Лазо Митев, член на Советот на Општина Кочани.

Двата предлога од координаторите на советничките групи беа прифатени и извештајот за Програмата за спорт за 2014 година беше повлечен. Ќе се разгледува на наредната седница, кога ќе треба да се добие појасна слика за дилемите што тој ги предизвикаа меѓу советниците.

Т. Ајтовски

НАШИ ПРИОРИТЕТИ

И трудот е капитал

Вработување

Енергетика

Земјоделство