СТЕВО: ОПОЗИЦИЈАТА ВОДИ НА СИТЕ АНКЕТИ, ПОБЕДАТА СЕ БЛИЖИ

7 април, 2014

Обраќање на кандидатот за претседател на Република Македонија Стево Пендаровски

Добровечер, поздрав до цела Македонија, до сите што се овде, до сите што не гледаат и не слушаат!

Морам да ви признаам една работа. Никогаш во животот до сега срцето не ми било пополно!

Драги пријатели,

На сите собири со граѓаните, на сите митинзи во изминативе десеттина дена низ Македонија, беше масовно. Меѓутоа од вечерва, па до крајот на кампањата ќе биде дупло помасовно, уверен сум во тоа.

Дозволете ми, на почетокот да им честитам на овие луѓе овде качени на бината, на носителите на листи и на сите кандидати за пратеници. Станува збор за доблесни луѓе, нови во политиката, но тешки според својата животна и професионална биографија, сосема спротивно од она што го видовме вчера кога на бината беа качени стари и истрошени ликови од транзицијата. Ова позади мене се доблесни луѓе, еснафи, интелектуалци без хипотеки и само со такви луѓе Македонија може да оди напред.

Драги пријатели,

Изминативе недели го промовирам мојот концепт на две Македонии. Едната која ја гледаме вечерва овде и другата која не тормози и малтретира 8 години наназад. Едниот концепт кој ја упропасти Македонија, кој ја понижи, ја донесе на дното на регионот и на дното на Европа. Другиот со нови луѓе, со нови идеи, со нови политики кои сакаат да завртат нова страница во историјата на оваа напатена земја.

Да им го овозможиме тоа уште на 13ти!
Почитувани пријатели,

Би ве замолил за масовна политичка и граѓанска мобилизација уште на 13-ти затоа што знаете со кого си имаме работа. На овие најмилата работа во животот им е фотелјата и парите. Нема да ги пуштат така лесно. Но, ако ја задржиме масовноста, ентузијазмот решеноста и подготвеноста да се бориме до крај, уште на 13-ти ќе ја добијат пораката на народот затоа што оваа енергија кажува се. Нивниот крај се ближи.

Сакам да завршам со една констатација која ја гледам во сите градови и села кои ги поминав низ Македонија во сите региони. Ова вечерва не е исклучок. Опозиционото расположение кај луѓето расте. Во овој момент опозицијата води на сите анкети. Победата се ближи.

Драги пријатели,

Македонија е зрела за промени. Да не дозволиме да ни избега двојната победа на 13-ти и на 27-ми април. Да ја решиме таа работа и да ја вратиме Македонија на нормалниот европски пат кадешто и е местото. Да не се плашите од нивните механизми на изборни измами. Имаат стари ќе измислат и нови. Оваа сила којашто е вечерва собрана и не сме само тука и не сме само овие. Ние сме стотици илјади луѓе на коишто ни е преку глава од ова што го доживуваме изминативе 8 години. Ние сме посилни.

Промените се неопходни. Промените се тука. Само од нас зависи дали заеднички сложно и единствено ќе го направиме тоа во следните недели. Ве замолувам не во мое име, не во името на овие луѓе, не за нашите семејства туку за нашата земја која нема друга алтернатива и која за жал е донесена до ѕид. Ние мораме да направиме пробив. Заеднички не им се плашиме крајот им доаѓа појаки сме од нив.

Да живее Скопје, Македонија. Да живее нашата победа и да славиме на истово место на 13-ти и на 27-ми април. Живи и здрави да сте.

 

 

НАШИ ПРИОРИТЕТИ

И трудот е капитал

Вработување

Енергетика

Земјоделство