ПЕНДАРОВСКИ: НЕМА ДА ДОЗВОЛАМ СОМНЕВАЊА ВО НАШИОТ ИДЕНТИТЕТ!

Интервју на кандидатот за претседател на Република Македонија, Стево Пендаровски за Дојче Веле

ДВ: За една година, Македонија ќе „одбележи“ цела деценија откако во 2005 доби статус на земја кандидат за членство во ЕУ. Дали и како може да излезе земјата од таа стагнација во процесот на евроатлантски интеграции, односно, како да се реши спорот за името, кој е една од пречките на тој пат?

Пендаровски: Свесен сум дека после осум години колебање на актуелната власт, да направи крупни реформски исчекори во клучните сектори на животот и демократскиот развој на земјава, кои ќе не доближат до европските и евроатлантските интеграции, тоа нема да биде едноставен процес. Но, кај мене не постојат никакви дилеми, дека како претседател на Република Македонија, немам алтернатива, освен да водам принципиелна надворешна политика која ќе ја врати земјава на патот на што поскорешно интегрирање во ЕУ и во НАТО. Ќе ги користам сите уставни надлежности да ги сопрам тенденциите на евроскептицизам во земјава и да и го вратам меѓународниот углед на Република Македонија, кој сега е разнишан. Од зајакнатите меѓународни позиции, обновените пријателства и партнерски односи со највлијателните чинители во светската политика, активно ќе се бориме и за надминување на отвореното прашање со Република Грција. Во едно сум убеден, и тоа како суштинска порака можете да го пренесете до најшироката јавност – нема да дозволам да се отвори простор за какви било сомневања во третманот на нашиот идентитет, во самобитноста и во културниот развој на македонскиот народ.

ДВ: Како ги оценувате односите со соседите и во која мера Македонија може да придонесе за нивно унапредување, со оглед на критиките дека се далеку под нивото на добрососедски?

Пендаровски: Во последниве осум години, угледот на Република Македонија е сериозно нарушен на поширок меѓународен план, но пред сѐ, во односите со нашите соседи. Од земја за пример, земја со принципиелни и остварливи идеи за добробит на државите од нашето непосредно опкружување и на регионот во целина, се претворивме во земја што денес најчесто се наоѓа на меѓународните агенди кога се зборува за конфликтни состојби или за решавање на отворени прашања. Тие тенденции треба да се сопрат, да се врати угледот на земјава кај нашите соседи, во регионот, но и на поширок меѓународен план. Иако географски мала земја, сакам Македонија да се препознава како конкурентен партнер, кој успешно се справува со регионалните предизвици и придонесува за стабилноста на Балканот. Таква Македонија, може повторно да биде глас на разумот и во решавањето на проблемите што и се неправедно наметнати, да гради и стабилна мултиетничка демократија како пример што ќе се почитува и на пошироките меѓународни простори“.

ДВ: Ако ја добиете довербата на граѓаните, како ќе ја извршувате таа функција во услови на силна партиска поделеност во државата?

Пендаровски: Уставна обврска, но и должност кон граѓаните што ти го довериле мандатот за претседател на државата, е да ја извршуваш таа највисока функција на начин што подразбира активно и одговорно да соработуваш со сите носители на власта, на централно и на локално ниво. Функцијата на претседателот, поефикасно ќе се остварува доколку во клучните сектори на неговата работа, утврдени со Уставот, постои интерактивен однос со другите носители на највисоката власт во земјава, со Собранието и со Владата, пред сѐ. Непотребно е можеби да се нагласи, но да споменам, дека таа соработка, ќе биде особено потребна по прашања од стратегиски интерес за земјата и за нејзините граѓани. Тој интерес во целина, е над сите други поединечни или претставнички позиции и интереси. Моја свесна определба, од која нема отстапување, е да бидам претседател кој ќе биде чувар на Уставот, заштитник на правата и слободите на граѓаните и обединувач на нацијата. Нема да се двоумам, кога ќе биде потребно, да се спротивставам на каква било злоупотреба на власта, за да ги заштитам граѓаните од притисокот на оние горе што го загубиле контактот со реалноста. Јас и не можам да размислувам поинаку, освен да се грижам и да ги почитувам интересите на Македонците и Албанците, на Турците и Ромите, на Србите и Власите, на Бошњаците, како и на сите други граѓани на Македонија. Претседателот треба да ги решава проблемите, а не да се крие пред нив, затоа ќе го вратам политичкиот дијалог кај шефот на државата со сите значајни политички, синдикални, граѓански и верски лидери и претставници.

ДВ: Како резултат на нерамномерниот економски развој, нерамноправните можности за вработување и други фактори, се случува големо социјално раслојување. Како го оценувате тој тренд и кои се можностите тој да биде запрен со ефикасни социо-економски мерки?

Пендаровски: Како претседател, ќе застанам на чело на едно широко граѓанско движење кое треба да ги донесе нужните промени во земјава на сите сектори од животот и работата. Ќе бидам на чело на колоната сиромашни и обесправени за да започнеме битка за демократски напредок заедно со сите вистински патриоти кои сакаат една поинаква и горда Македонија. Иако нема значајни уставни надлежности во овој домен, претседателот не смее да остане нем на неправдите, на социјалните поделби, на нееднаквоста, на брзиот раст на сиромаштијата! Правото на работа мора да биде право на сите, а не партиска привилегија. Особено, не смееме да им го одземеме правото на младите луѓе да бидат иднина на оваа држава и да не ја бараат очајнички својата иднина надвор од границите на нашата земја!

ДВ: Што е потребно за подобрување на меѓунационалните односи, кои сѐ уште се кревки и лесно кршливи, а најчесто се полигон за тестирање на тесните политички интереси, наместо за изградба на силно граѓанско општество?

Пендаровски: И како претседател на Република Македонија, ќе се потпирам на драгоценото искуство што го здобив низ моите професионални должности и активности во времето на конфликтот од 2001 година. Знам колку е тешко да се сочуваат мирот и довербата меѓу граѓаните и стабилноста на земјата, ако еднаш се повлечат погрешни политички потези. Знам колку драгоцено време ќе се загуби да се поправат таквите грешки на политичките лидери, наместо нивната енергија да се инвестира во создавање поповолен политички амбиент за побрз демократски и економски развој, за повеќе права и слободи на граѓаните. Затоа, со сите сили ќе го поттикнувам меѓунационалниот и меѓуверскиот дијалог, ќе се залагам за верска толеранција, за негување на сите историски и културни вредности кои Македонија ги внесува како додадена вредност во големата светска ризница на цивилизациските придобивки и посебности. Вашето прашање ја погодува суштината на оваа тема – верата е дел од битието на секој народ, верските заедници се чувари на традицијата и на историските посебности што можат да обединат, но верата и различните национални агенди ставени во служба на политичката борба да се сочува власта, им користат само на нечесните и лицемерни политичари и партиски врхушки, а им причинуваат ненадоместлива штета на сите граѓани.

ДВ: Како го оценувате степенот на демократија во Македонија, слободата на медиумите и генерално, слободата на изразување?

Пендаровски: Не морам јас да ги квалификувам актуелните состојби во овој значаен дел на демократските права и слободи во Македонија, откако тоа со години, со оценки кои го уриваат дигнитетот на државата, го прават најзачајните меѓународни институции или професионални и граѓански здруженија. Оценките се крајно негативни, а актуелната власт и актуелниот претседател, како да се солидаризираа со овој негативен тренд во однос на слободата на медиумите и во (не)можностите за слободно изразување. Јавно изречената критика врз носителите на власта не само што не се толерира, туку дрско се санкционира. Медиумските слободи и можноста за еднаков пристап до информациите, се темелникот за развој на сите демократски општества, тие се симбол на современите западноевропски демократии. Во таков слободарски амбиент се градат услови за подобар граѓански дијалог, за побрз економски развој и за просперитет и добробит на сите граѓани. За такви принципи и вредности, вградени на нашата македонска почва, ќе се залагам со сите сили во мојот претседателски мандат.

Најново

МИЛКОВСКИ НА СРЕДБА СО ДИРЕКТОРОТ НА НДИ ВАШИНГТОН ДЕРЕК МИЧЕЛ ЗА ДЕСЕТГОДИШНИОТ ПРОЕКТ МЕЃУ СОБРАНИЕТО И НДИ ЗА НЕЗАВИСНОСТ НА ЗАКОНОВНИОТ ДОМ

ПРЕС-КОНФЕРЕНЦИЈА НА ДИРЕКТОРКАТА БОШКОВСКА-ЈАНКОВСКИ ЗА СТРАТЕШКИТЕ И ТЕКОВНИ АКТИВНОСТИ НА ЦЕНТРАЛНИОТ РЕГИСТАР

ОБРАЌАЊЕ НА ПОТПРЕТСЕДАТЕЛОТ МИСОВСКИ НА ГЕНЕРАЛНАТА КОМИСИЈА ЗА ПРАВДА, ВНАТРЕШНИ РАБОТИ И БЕЗБЕДНОСНА СОРАБОТКА НА ПС НА ПСЈИЕ НА ТЕМА: „БОРБА ПРОТИВ ДЕЗИНФОРМАЦИИТЕ ВО ЈУГОИСТОЧНА ЕВРОПА“

Честит 9ти Мај! Ден на Европа. Ден на победата над фашизмот.

НСДП ги повикува сите граѓани, независно од нивната политичка, етничка, верска, јазична или културна припадност, на 5 мај да излезат на гласање и да го поддржат Стево Пендаровски

СЛУЖБА ЗА ОДНОСИ СО ЈАВНОСТ НА НСДП