• Narrow screen resolution
  • Wide screen resolution
  • Auto width resolution
  • Increase font size
  • Decrease font size
  • Default font size

Нова социјалдемократска партија

Среда
Фев
20
Предговор кон книгата „Хуманиот пат“ од Жак Атали чии основни погледи се вградени во програмата и дејствувањето на НСДП Испечати E-mail адреса

Книгата “Хуманиот пат - за една нова социјалдемократија” од Жак Атали е нова книга што се појави 2004 година во Франција во издание на познатата француска издавачка куќа “Фаѕард”. Таа е една од многуте книги каде што се зборува за социјалдемократијата, но е единствена и оригинална со идеите што во неа авторот ги дава, не само за иднината на овој политички правец, туку и за човештвото воопшто. Во неа авторот врши анализа на моменталните политички и економски состојби во Европа и дава правци за нејзиниот развој.

На почетокот авторот зборува за еволуцијата на настаните во Европа по појавата на социјалдемократијата пред повеќе од сто години. Потоа констатира дека политиката сè помалку и помалку влијае врз реалноста. Гласачите изгубија доверба во политичарите и не гласаат за некого туку против некого, вели Атали. Довербата е толку изгубена што луѓето не веруваат дека ако излезат на гласање нешто ќе сменат за себе или за другите.

Се констатира, исто така, дека западната демократија за многу луѓе не е повеќе она големо нешто за коешто толку генерации се бореле. На луѓето, на граѓаните, на гласачите им станува сеедно кој владее зашто “сите властодршци, пред се, мислат за себе, а малку или воопшто за оние кои ги претставуваат”.

Во западниот свет има класична поделба на левица и десница којашто се повеќе се стеснува во центарот. Левиот центар како да ја преминува цртата и се спојува со десниот центар. Во исто време се појавува раслојување и на левицата и на десницата со тенденција на зајакнување на екстремите. Авторот успешно ги објаснува овие процеси и прогнозира каде ќе се движи западното демократско општество во следните децении. Притоа тој не пропушта да ги спомене технолошките иновации што многу ќе влијаат врз иднината на пазарната економија и врз демократијата како процес и систем на заштита на определени вредности за коишто се залага најразвиениот свет на планетата.

Каква е состојбата внатре во социјалдемократските партии и зошто не е важно да се има програма на партијата  или доктрина кон којашто раководството на партијата би се придржувало кога таа партија е на власт? Зошто не се прави сериозна анализа за изминатиот пат, зошто нема етика, а има појави на корупција? Зошто партиите остануваат без досегашните  членови  кои бегаат во граѓанскиот сектор, а нови млади членови не се запишуваат во партиите?

Одговори на сите овие прашања можат да се најдат во книгата на Атали.

Што констатира авторот на книгата? Покрај она што веќе е спомнато за состојбите во западните општества и во тамошните политички партии, тој констатира: масовно непосетување на гласачките места, распаѓање на солидарноста, слабеење на јавните служби, зголемување на екстремите и на антидемократското насилство. Атали вели дека луѓето почнуваат да се заситуваат од политиката. Но за решавање на споменатите проблеми некој мора преку политиката, преку политичките партии на власт или во опозиција, преку трите власти - извршната, законодавната и судската - да даде одговор, предлози и решенија за секој од овие проблеми, заради постигнување на рамнотежа меѓу изворите и потребите, меѓу богатите и сиромасите, меѓу мнозинството и малцинството. И повеќе од тоа. Многу пати досега е речено дека светот веќе е само едно големо село, дека со новите средства за превоз луѓето побрзо стигнуваат од еден континент до друг. Оттука, според Атали,  мора да се размислува за најдоброто користење на светските богатства и за нивна најдобра распределба, да се спротивставиме на она што може да го загрози светот. Глобализацијата како светски процес полека се шири кон сите делови на светот, а во тоа помагаат новите технологии и особено интернетот. И покрај сите светски проблеми, сите војни што се водеа и се водат, иднината треба да се гледа во една политичка, економска и еколошка рамнотежа во секоја земја и во светот генерално. Затоа Атали вели дека треба да се избега од доминацијата на економската мисла којашто ги утврдува нормите на речиси  ист тоталитарен начин како што тоа во минатото го правеше комунистичкиот систем. Многу е итно, вели Атали, да се објасни дека, се уште, постои избор, дека нациите се уште имаат право на амбиција, дека светот може да избере судбина.

Улогата на партиите е да им предложат на граѓаните поглобално размислување. За левицата Атали мисли дека таа треба да има смелост и да побара глобализацијата како проект да & припадне токму на неа, затоа што таа е носител на универзалноста, да рече дека сака остатокот од светот да биде заснован врз демократија, слободно претприемаштво, почитување на човековите права и на извесно инсистирање на социјална правичност.

Атали јасно става до знаење дека пишувајќи за една нова социјалдемократија нема намера да се пресметува со моменталното раководство на Социјалистичката партија на Франција. Сепак тоа е подложно на извесна негова критика велејќи: “шокантно е човек да се задоволи да дејствува без да си обезбеди време и слобода за читање, за средби со овдешните луѓе или со странци, да размислува и да се сомнева, да го менува мислењето, да дозволи противникот да има право, како што Ортега и Грасет вели во текстот ставен како мото во оваа книга”.

Обидувајќи се да го објасни својот концепт за нова социјалдемократија, или како што тој ја нарекува “хуманиот пат”, и за негово воведување во функција Атали воведува нови категории во економскиот речник со коишто се објаснуваат појавите, а се најавуваат и промените што се очекува прогресивно да настануваат во западната демократија. Така тој зборува за: стоково општество за разлика од постојното пазарно општество, за етички тоталитаризми, за трговско време, рамномерно заштитено време, спектакл, за релациско богатство, релациска клима, релациска економија, релациски мрежи.

Зборот “релатионс” во книгава е преведен со “релации”, а не со “односи” или со “познанства” од практични причини, зашто потоа од него требаше да се изведат други сложени зборови, коишто тешко се изведуваа од другите два збора освен описно. Впрочем зборот релација и не е непознат во македонскиот јазик, иако досега го избегнувавме односно повеќе сакавме да речеме дека некоја работа сме ја завршиле “преку врски”, а не “преку релации”. Сличен е случајот и со зборот  “спецтацле”  којшто е прифатен и во македонскиот јазик како “спектакл”. Се работи за “претстава со големи ефекти”, нешто што привлекува многу публика, претстави на телевизијата или во големи сали каде настапуваат ѕвезди на естрадата од различен тип, телевизиски серии и сл.. Од друга страна, избегнувајќи го зборот “претстава” го избегнавме и неговото второ значење какво што е случајот со изразот “да се има претстава за нешто”.

За одбележување е сфаќањето на Атали за јазикот на нацијата (во смисла на државата). Говорејќи за клучните концепти на новата социјалдемократија тој ги споменува: релациите, мрежите и јазиците.

Релациите за него се начините на коишто времето се користи  кога две или повеќе лица го делат тоа време заради давање или примање на информации. Мрежите се места каде се сретнуваат познаниците (реално или виртуелно), заради споделување на времето. Тоа можат да бидат: семејството, претпријатието, пазарот, селото, градот, нацијата. Тоа можат да бидат и системите за комуникација и пред с# интернетот.

За остварување на релации во мрежите е потребен заеднички национален (државен) јазик. Тој, според Атали, е клучен елемент за живеење заедно, еден од главните инструменти за функционирање на мрежата. Значи, според негово сфаќање, во една држава мора да има еден јазик на којшто сите ќе се разбираат. Без заеднички јазик не може да има нација на една територија. Ниту еден ученик не треба да излезе од задолжителното образование без притоа да не го знае одлично јазикот и културата на својата родена земја или земјата што го посвоила, вели Атали.
Како заклучок од неговата анализа за улогата на политиката е прашањето што си го поставуваат граѓаните во Франција, во Европа, но и во светот: дали може да се живее поинаку? На ова прашање тој одговара предлагајќи го својот “Хуман пат”.

Во тој “Хуман пат” како нова социјалдемократија Атали предлага десет градилишта:

  • ново сфаќање на поимот нација;
  • засилување на ефикасноста на пазарот;
  • реорганизација на работата;
  • зголемување на општествениот капитал на секој поединец;
  • заштита од несигурноста: општествено корисен доход;
  • движење кон бесплатноста;
  • осмислување на улогата на државата;
  • преминување од демократија кон одговорност;
  • времето на Европа и
  • помагање во раѓањето на една светска влада.  

Авторот на оваа книга Жак Атали е плоден француски писател, есеист, политички аналитичар, долгогодишен советник на поранешниот францускиот претседател Франсоа Митеран, поранешен директор на Европската банка за реконструкција и развој и член на раководството на Социјалистичката партија на Франција. Кога ќе се погледа библиографијата на неговите објавени есеи, романи, биографии, театарски претстави и политички текстови може да се констатира дека од 1973 година тој редовно секоја година објавувал најмалку една книга. Последниот негов труд е “Биографијата на Карл Маркс”, објавен во јули 2005 година којашто исто така заслужува да се преведе на македонски јазик.

Зошто книгата “Хуманиот пат” е интересна и зошто е преведена и направена достапна до македонската публика?

Анализите што Жак Атали ги прави не се важечки само за француското општество или за демократските системи во земјите членки на Европската унија. Анализата на состојбата во којашто се наоѓа Француската социјалистичка партија не важи само за неа и за другите партии од социјалдемократска провениенција. Овие анализи се значајни и за другите земји, особено за оние што посакуваат членство во ЕУ, за социјалдемократските партии во тие земји, значи и за Македонија, за Новата социјалдемократска партија, Социјалдемократскиот сојуз на Македонија и другите лево ориентирани партии и поединци.

Досега се објавени и други книги што ја анализираат социјалдемократијата, меѓу коишто е и книгата “Третиот пат” од Ентони Гиденс, објавена на македонски јазик во 2002 година од Институтот за демократија, солидарност и цивилно општество, со предговор од амбасадорот Ѓорѓи Спасов. “Хуманиот пат” на Атали се залага за поинаква верзија на социјалдемократијата од онаа на Гиденс иако и двајцата се обидуваат да трасираат пат за иднината на споменатиот политички правец.

Објавувањето на “Хуманиот пат” на македонски јазик може да биде поттик за анализа на состојбите во коишто се наоѓаат партиите што велат дека & припаѓаат на левицата. Таа може да биде корисно четиво за политичарите и за оние млади луѓе кои имаат намера во иднина да се занимаваат со политика. Читајќи ја книгата тие би констатирале дека има уште едно видување за иднината на светот, за моменталните проблеми и за предлогот тие да се решаваат преку т.н. “хуман пат” што го предлага Жак Атали.

 
< Претходно

НСДП НА -FACEBOOK-

facebook.jpg

Who's Online

Линкови - Банери

Собрание на Република Македонија
European Union
NATO

banernvo.jpg